Ангел Господов: Забавете, застанете, молете за да бидете сочувствителни
ПАПА ФРАЊО
АНГЕЛ ГОСПОДОВ
Плоштад Свети Петар недела, 21 јули 2024 година
Драги браќа и сестри, ви посакувам пријатна недела!
Во Евангелието на денешната Литургија (Марко 6,30-34) се зборува како апостолите, враќајќи се од местата каде што биле во послание се собрале околу Исус и Му кажале што направиле. Тогаш им рекол: „Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку.” (р. 31). Меѓутоа, народот дознал каде одат и, кога излезе од бродот, Исус наидува на маса народ, кој го чека, почувствувал сочувство и почнал да ги поучува (сп. р. 34).
Од една страна, значи, повик за одмор, а од друга, сочувство со мноштвото. Ова се две навидум непомирливи работи, но напротив, одат рака под рака: одмор и сочувство. Да се задржиме накратко на тој бином.
Исус е загрижен за уморот на учениците. Можеби ја сфаќа опасноста која исто така може да се однесува на нашиот живот и апостолат, кога, на пример, ентузијазмот во извршувањето на нашето послание, како и улогите и задачите што ни се доверени нè прават жртви на активизам, премногу загрижени за работите кои треба да се направат и резултатите. И тогаш се случува да се вознемириме и да го изгубиме од вид она што е важно, ставајќи се во опасност да ги исцрпиме силите и да бидеме скршени од заморот на телото и духот. Ова е важно предупредување за нашиот живот, за нашето општество, кое често е заробеник на брзање, но исто така и за Црквата и за пасторалната служба: да се чуваме од диктатурата на зафатеност!
А тоа може да се случи и од огромна потреба во семејствата, кога, на пример, таткото е принуден да биде отсутен поради работа за да заработи за живот, па мора да го жртвува времето што инаку би го посветил на семејството. Честопати заминуваат рано наутро, додека децата сè уште спијат, а се враќаат доцна навечер, кога веќе се во кревет. И тоа е социјална неправда. Во семејствата, татковците и мајките треба да имаат време за заеднички моменти со своите деца, за да расте семејната љубов и да не падне во челуста на диктатурата на зафатеност. Да размислиме што можеме да направиме за да им помогнеме на оние кои се принудени да живеат така.
Истовремено, одморот кој го предлага Исус не е бегство од светот, повлекување во личната благосостојба; туку, во средбата со изгубениот народ, Тој чувствува сочувство. И така, учиме од Евангелието дека овие две реалности - одмор и сочувство - се поврзани: само ако научиме да се одмориме, можеме да имаме сочувство. Имено, можно е да се има сочувствителен поглед, кој знае да ги разбере потребите на другите, само ако нашето срце не го јаде вознемиреноста на работата, ако знаеме да застанеме и во тишината на обожувањето да ја примиме Божјата милоста.
Затоа, драги браќа и сестри, можеме да се запрашаме: дали знам да запрам во моите денови? Дали знам да издвојам моменти за да бидам со себе и со Господ или секогаш брзам? Дали знаеме како да најдеме парче внатрешна „пустина“ среде секојдневната работа и метежот? Да го сфатиме ова како задача, особено сега кога е лето: да се обидеме да забавиме, да застанеме малку да ја набљудуваме природата и да поминеме време со оние што ги сакаме, да не го запоставиме дијалогот со Бога. Ова ќе не направи внимателни и сочувствителни луѓе.
Светата Богородица нека ни помогне да „почиваме во Духот“ дури и среде сите наши секојдневни активности и да бидеме достапни и сочувствителни кон другите.