Папата: Смртната казна не носи правда; таа е отров за општеството
Папата Фрањо
Евангелието е средба со жива Личност која го менува животот: Исус може да ги револуционизира нашите проекти, нашите стремежи и нашите перспективи. Да го запознаеш значи да го исполниш својот живот со смисла затоа што Господ ни нуди радост која никогаш не поминува. Затоа што тоа е самата Божја радост.
Животната приказна на Дејл Ресинела, кого го сретнав на една аудиенција, подобро го запознав преку статиите што ги пишуваше за „L'Osservatore Romano“ низ годините, а сега преку оваа книга која го допира срцето се потврдува она што е кажано: само на овој начин може да се објасни како е можно човекот, со многу други цели на ум што треба да ги постигне во својата иднина, од христијански лаик, сопруг и татко, да стане капелан на оние кои се осудени на смртна казна.
Тоа е многу тешка, ризична и макотрпна задача, бидејќи раката го допира злото во сите негови димензии: злото направено кон жртвите, а кое не може да се поправи; злото што го доживува осудениот, знаејќи дека е осуден на сигурна смрт; зло кое се всадува во општеството со практикувањето на смртната казна.
Да, како што многупати кажав, смртната казна во никој случај не е решение за насилството што може да погоди невини луѓе. Извршувањата на смртната казна, далеку од тоа дека донесува правда, поттикнува чувство на одмазда што се претвора во опасен отров за телото на нашите граѓански општества. Државите треба да се грижат да им дадат можност на затворениците вистински да ги променат своите животи, наместо да инвестираат пари и ресурси во нивно убивање, како да се луѓе кои повеќе не вредат да живеат и треба да бидат отстранети.
Во својот роман „Идиот“, Фјодор Достоевски беспрекорно ја сумира логичната и моралната неодржливост на смртната казна, зборувајќи за личност осудена на смртна казна: „Тоа е повреда на човечката душа, ништо друго! Се вели: „Не убивај“, а наместо тоа, бидејќи тој уби, други го убиваат. Не, тоа е нешто што не треба да постои“. Токму јубилејот треба да ги поттикне сите верници едногласно да побараат укинување на смртната казна, практика која, како што вели Катехизмот на Католичката црква, „е недозволива бидејќи ја напаѓа неповредливоста и достоинството на личноста!“ (бр. 2267).
Дополнително, делото на Дејл Ресинела, не заборавајќи го значајниот придонес на неговата сопруга Сузан, рефлектиран во книгата, е голем подарок за Црквата и општеството во Соединетите Држави, каде што живее и работи Дејл. Неговото ангажирање како лаик, токму во една навистина нечовечка област како што е смртната казна, е живо и моќно сведоштво за училиштето на бескрајното Божјо милосрдие. Како што нè научи вонредниот Јубилеј на милосрдието, никогаш не смееме да мислиме дека може да постои некој наш грев, наша грешка или наша постапка што дефинитивно нè оддалечува од Господ. Неговото срце веќе беше распнато за нас. И само Господ може да ни прости.
Се разбира, тоа бескрајно Божјо милосрдие може и да соблазнува, како што соблазнувало многу луѓе во времето на Исус, кога Божјиот Син јадеше со грешниците и проститутките. Самиот брат Дејл мора да се соочи со критики, приговори и отфрлање поради неговото духовно ангажирање за осудените. Но, зарем не е вистина дека Исус примил во својата прегратка разбојник осуден на смрт? Дејл Ресинела навистина разбрал и сведочи со својот живот, секогаш кога поминува низ вратите на затворот, особено оној што го нарекува „куќа на смртта“, дека Божјата љубов е без граници и без мерка. И дека и нашите најгрди гревови не го оцрнуваат нашиот идентитет во Божјите очи: ние остануваме негови деца кои тој ги сака, ги чува и ги смета за скапоцени.
Затоа, би сакал да изразам искрена и трогателна благодарност до Дејл Ресинела: затоа што неговата работа како капелан на осудениците на смрт е упорно и силно придржување кон најинтимната реалност на Исусовото Евангелие, кое е Божјото милосрдие, неговата бесплатна и неуморна љубов за секој човек, исто така и за оние на кои згрешиле. И дека токму во поглед на љубовта, како онаа на Христос на крстот, можам да најдам нова смисла во мојот живот, но и во моето умирање.