Генерална аудиенција: Надежта не е празен збор
„Духот и Свршеницата. Светиот Дух го води Божјиот народ во пресрет на Исус, нашата надеж“, беше насловот на завршниот циклус катехези на Папата посветени на Светиот Дух и Црквата. Папата Фрањо токму на оваа тема го посвети своето последно размислување, посочувајќи дека овој наслов се однесува на еден од последните редови во Библијата, од Книгата Откровение: „И Духот и невестата велат: „Дојди!” „И свети Павле во своето Послание до Коринтјаните и Дидахи, спис од апостолско време, сведочат дека на литургиските состаноци на првите христијани се слушал извикот, на арамејски: „Maràna tha!“, што значи точно „Дојди, Господи!“ – потсети Светиот Отец и продолжи:
Во тој најстар период, овој повик имаше заднина што денес би ја нарекле есхатолошка. Имено, со него се изразувало нестрпливото исчекување на Господовото доаѓање во слава. Тој повик и очекувањето никогаш не изумреле во Црквата. И денеска на богослужбата, веднаш по претворбата, се најавува смртта и воскресението Христово, „чекајќи го неговото доаѓање“. Но тоа очекување за конечното Христово доаѓање не остана едно и единствено. Нему му се придружува и очекувањето на Неговото постојано доаѓање во сегашната ситуација на Црквата, која е на пат. И токму на ова доаѓање мисли Црквата кога, вдахновена од Светиот Дух, вика кон Исус: „Дојди!“
Папата, исто така, истакна дека одреден развој – богат по значење – се случил во врска со извикот „Дојди! „Овој повик повеќе не е упатен само до Христос, туку и до Светиот Дух, со оглед на тоа што повиците со кои започнуваат речиси сите црковни химни и молитви се упатени кон Светиот Дух. Затоа во економијата на спасението Христос и Духот се неразделни“, предупреди папата Фрањо и нагласи:
Светиот Дух е неисцрпен извор на христијанската надеж. Свети Павле ни ги остави овие скапоцени зборови: „Бог на надежта нека ве исполни со секаква радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух вашата надеж да се преумножува“. Ако Црквата е кораб, Светиот Дух е едрото што ја носи и ја движи напред во морето на историјата, како денес, така и во минатото!
„Надежта не е празен збор или наша нејасна желба сè да биде добро: таа е сигурност, бидејќи се заснова на Божјата верност на неговите ветувања. Затоа се нарекува теолошка крепост, бидејќи Бог ја влева и Бог е негов гарант. Тоа не е пасивна крепост, која само чека да се случат работите. Пред се е активна крепост која помага да се случат.
Христијанинот не може да се задоволи со тоа што има надеж; тој исто така мора да зрачи со надеж, да биде оној кој шири надеж. Тоа е најубавиот дар што Црквата може да му го даде на целото човештво, особено во моменти кога излгеда дека сите сме принудени да ги спуштиме едрата. „Секогаш бидете подготвени да одговорите на секој што ќе побара од вас да ја објасните надежта која е во вас. Меѓутоа, апостолот додава и една препорака: „но нежно и со почит“. Да, затоа што луѓето нема да бидат убедени толку од силата на аргументите, колку од љубовта што ќе знаеме да им ја всадиме. Тоа е првиот и најефективниот облик на евангелизација. И е прифатливо за сите!
Духот секогаш нека ни помага да „изобилуваме со надеж“ со силата на Светиот Дух“, заклучи Светиот Отец.