2024.12.01 Angelus

Ангел Господов: Адвентот е драгоцена можност да се олесни срцето

Пред молитвата Ангел Господов во првата недела од Адвент, на 1 декември 2024 година, папата Фрањо ги поттикна верниците да се соочат со вознемиреноста и погрешни верувања кревајќи ги главите кон Исус за да добијат надеж и да не бидат оптоварени со тага во драматичните моменти на секој поединец и целиот свет

Папата Фрањо, во својот говор пред молитвата „Ангел Господов“, се осврна на неделното литургиско евангелие кое зборува за космички потреси, страв и неизвесност што го исполнуваат човештвото. Во тој контекст, Исус упатува зборови на надеж кон своите ученици: „Исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето спасение“ (Лука 21,28).

Папата потсети дека многумина од Исусовите современици, гледајќи катастрофални настани околу себе – прогони, конфликти, природни непогоди – мислеле дека доаѓа крајот на светот. Нивните срца биле оптоварени со страв. Но, Исус сака да ги ослободи од таа тешкотија и лажни верувања, учејќи ги да бидат будни во срцето и да ги читаат настаните од перспектива на Божјиот план, кој носи спасение дури и во најдраматичните моменти од историјата.

Споменувајќи ја Исусовата препорака, која е важна и за нас, дека срцата не треба да ни бидат обременети, Папата се запраша како можеме да имаме „лесно“ срце, будно и слободно, односно такво кое не дозволува да биде скршено од тага?

Може да се случи, всушност, грижите, стравовите и грижите за нашиот личен живот или за тоа што денес се случува во светот, да паднат врз нас како големи камења и да нѐ турнат во очај. Ако грижите ни го обременуваат срцето и нѐ наведуваат да се затвориме во себе, Исус, напротив, нѐ повикува да ги подигнеме главите, да се потпреме на Неговата љубов која сака да нѐ спаси и преку која Тој ни се доближува во секоја ситуација од нашиот живот, за да му направиме место и повторно да ја пронајдеме надежта.

Прашувајќи се на крајот дали и ние имаме срца стегнати од страв, вознемиреност или загриженост за иднината, или пак знаеме да гледаме на секојдневните настани и на настаните во историјата со Божји очи, Светиот Отец ги поттикна присутните верници да го искористат времето на Адвент како драгоцена можност за подигање на погледот кон Господ, Кој ги зајакнува нашите срца и нѐ поддржува во животот.

 

02 декември 2024, 19:07

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >