SYRIA-CONFLICT-JIHADIST

Папата: Војната е ужас и го навредува Бога

По молитвата Ангел Господов во првата недела од Адвент, Папата упати долг апел до меѓународната заедница да се ангажира и да стави крај на конфликтите. Тој потсети на примерот на Аргентина и Чиле, кои со дијалог спречија избувнување на војна. Рече дека со нетрпение го очекува прекинот на огнот во Либан, надевајќи се дека примирјето ќе трае и ќе се прошири во Газа, каде населението е целосно исцрпено. Папата ги спомна и Сирија во која владее хаос и украинскиот народ на кој му претстои сурова зима

Ужас, пораз, навреда на Бога – тоа е за папата Фрањо војната, односно сите војни што го мачат човечкото семејство денес: онаа во Украина, отежната од суровите зимски услови; во Либан, каде што пристигнуваат зраци на мир со прекинот на огнот; во Газа, каде населението е целосно исцрпено, а сега и во Сирија – последниот дел од „третата светска војна на делови“ – која за помалку од пет дена повторно западна во хаос со освојувањето на Алепо од побунетите џихадисти, со веќе голем број загинати и раселени лица.

Папата Фрањо по молитвата Ангел Господов во недела 1 декември 2024 година, во првата недела на Адвент, многу простор во своето обраќање посвети на кризните состојби во светот. Од прозорецот на Апостолската палата, Папата уште еднаш решително го изрази своето отфрлање на конфликтите, од секаков вид и природа, и нивните последици.

Војната е ужас, војната го навредува Бога и човечкиот род, војната не поштедува никого, војната е секогаш пораз, пораз за целото човештво.

Дијалог преку кој е избегната војна меѓу Аргентина и Чиле

Папата Фрањо нуди решенија за актуелните настани, потсетувајќи на минатото, поточно на 40-годишнината од Договорот за мир и пријателство меѓу Аргентина и Чиле, кој неодамна беше одбележан во Ватикан. Овој договор е јасен пример за тоа како дијалогот и добрата дипломатска стратегија можат да го спречат крвопролевањето меѓу народите. Посредништвото на Светиот Престол, иницирано од Свети Иван Павле II., стави крај на територијалниот спор околу каналот Бигл, кој ги доведе Аргентина и Чиле на работ на војна – рече Папата.

Ова покажува дека сме на добар пат кога се откажуваме од употреба на оружје и започнуваме дијалог.

Надеж дека прекинот на огнот ќе се задржи

Ова, сепак, не се доживува сега, ниту во Украина, ниту на Блискиот Исток, иако прекинот на огнот постигнат во последните денови меѓу Израел и Хезболах дава трошка надеж среде општиот мрак. Навистина, Папата рече дека е задоволен од примирјето, надевајќи се дека тоа ќе трае што е можно подолго и ќе биде почитувано од сите страни, со што ќе се овозможи населението во регионите погодени од конфликтот – и Либанците и Израелците – брзо и безбедно да се вратат дома, со голема помош на либанската армија и мировните сили на Обединетите нации.

Во Либан веднаш нека се избере претседател на Републиката

Во таа ситуација, Папата упати итен повик до сите либански политичари:

Веднаш да се избере претседател на Републиката, а институциите да се вратат во нормално функционирање за да продолжат со потребните реформи и да се обезбеди улогата на земјата како пример за мирен соживот на различните религии.

Во Газа населението е исцрпено

Папата се надева дека зракот на мирот што се појави може да доведе до прекин на огнот на сите други фронтови, особено во Газа, каде – според Министерството за здравство управувано од Хамас – бројот на загинати достигна 44.429. Како и секогаш од избувнувањето на насилството по 7 октомври, папата Фрањо инсистира на два пата кои можат да доведат до крај или барем примирје во драмата во Светата Земја: ослободување на израелските заложници и обезбедување храна, вода и лекови за Палестинците.

На срце ми е ослободувањето на Израелците кои сè уште се во заробеништво и пристапот до хуманитарна помош за исцрпеното палестинско население.

Мисли посветени на Сирија

Со поглед секогаш упатен на блискоисточниот конфликт, Папата не ја заборави Сирија, која е погодена од дванаесетгодишна војна, каде, за жал, војната повторно се разгоре, предизвикувајќи бројни жртви. Многу сум близок со Црквата во Сирија – рече Папата и поттикна на молитва за таа земја.

Трагична зима во Украина

Своите мисли, обележани – како што рече – со тага и загриженост, Светиот Отец потоа ги посвети на Украина, која пред една недела ја достигна тажната цел од илјада дена конфликт. Конфликтот кој продолжува да крвари во таа напатена земја, со страшна бројка од мртви, ранети, насилство, уништување… Децата, жените, постарите и ранливите луѓе кои ја плаќаат цената: тие се првите жртви – истакна папата Фрањо.

По апелот што го упати во средата на крајот од генералната аудиенција, Римскиот бискуп го привлече вниманието на меѓународната заедница на тешкотиите со кои Украина ќе се соочи во текот на зимата. Населението се соочува со ниски температури и недостиг на греење поради големите оштетувања на енергетската инфраструктура поради руските напади. Зимата е пред нас и се заканува да ја влоши состојбата на милиони раселени луѓе. Ќе бидат многу тешки месеци за нив – истакна Папата и додаде – Трагична е врската меѓу војната и студот. Затоа апелираше:

Уште еднаш апелирам до меѓународната заедница и секој маж и жена со добра волја да направат се за да се запре оваа војна и да преовлада дијалогот, братството и помирувањето. На секое ниво нека се умножува агажираноста за мир.

Сериозна заложба за мир во наредниот период

Папата ги поттикна политичарите да дејствуваат, а верниците од целиот свет да се молат. Драги браќа и сестри, да не се умориме да молиме за ова население, кое е на толку тежок испит и да го повикуваме Бога за дарот на мир – рече Папата на крајот од апелот и се осврна на Адвент што започнува:

Додека се подготвуваме за Божиќ, додека го чекаме раѓањето на Царот на мирот, нека му се даде конкретна надеж на тоа население. Потрагата по мир не е одговорност на малкумина, туку на сите.

На сите – повтори папата Фрањо – затоа што ако надвладее навикнувањето и рамнодушноста кон ужасите на војната, целото човечко семејство е поразено.

На крајот, Светиот Отец ги поздрави присутните ходочесници од Италија и разни земји присутни на плоштадот Свети Петар.

 

02 декември 2024, 19:09

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >