2024.05.16 Preghiera ok

Објавени се нови норми за распознавање на објави и други натприродни појави

Постојат шест можни нови одлуки за распознавање на објави и други натприродни појави содржани во документот на Дикастеријата за наука на верата одобрен од папата Фрањо. По правило, ниту бискупот, ниту Светиот Престол нема да го прогласат натприродниот феномен, ограничувајќи се на овластување и промовирање на побожностите и ходочестие

На 17 мај 2024 година во Канцеларијата за печат на Светиот Престол се објавени новите норми на Дикастеријата за наука на верата за распознавање на објави и други натприродни појави. Нормите за распознавање на наводните натприродни феномени се обновени во новиот документ на Дикастеријата за наука на верата претставена од кардиналот Виктор Мануел Фернандез, префект на Дикастеријата за наука на верата; монс. Армандо Матео, секретар на доктриналниот оддел на Дикастеријата за наука на верата и сестра Даниела Дел Глаудио СФИ, директорка на Меѓународната опсерваторија за маријански објави и мистични феномени и професорка по мариологија на Универзитетот Regina Apostolorum и факултетот Свети Бонавентруа во Рим. Документот стапува на сила на 19 мај 2024 година.

Ќе може побрзо да се изразува во однос на народните побожности и, по правило, авторитетот на Црквата повеќе нема да биде вклучен во официјалното дефинирање на натприродниот феномен, чие подлабоко проучување би можело да бара многу време. Друга новост е подиректно вклучување на Дикастеријата за наука на верата, која ќе треба да ја одобри конечната одлука на бискупот, со право да интервенира со motu propriо во секој момент.

Во многу случаи во последните децении за кои бискупите се изјансиле беше вклучена и поранешната Света канцеларија, но скоро секогаш интервенцијата остануваше зад кулисите и се бараше да не се објавува. Она што сега го поттикнува подиректното вклучување на Дикастеријата е проблематиката да се ограничат појавите на локално ниво, бидејќи во некои случаи тие достигнуваат национални, па дури и глобали димензии, „така што одлуката која ја донесуваат бискупите има последици на друго место“.

Причини за нови норми 

Документот се однесува на долгогодишното искуство од минатиот век, на случаи во кои локалниот бискуп многу брзо се изјаснил за натприродното, а потоа Светата канцеларија поинаку би се изјаснила. Има и примери каде бискупот на некој начин се изразувал за истата појава, а на друг начин неговиот наследник. Беше разгледано и долгото време потребно да се проценат сите елементи за да се донесе одлука за натприродната природа на феноменот. Овој долг период понекогаш се противи на итноста да се обезбедат пасторални одговори за доброто на верниците.

Духовни плодови и ризици 

При презентирањето на документот, префектот на Дикастеријата за наука на верата, кардиналот Виктор Мануел Фернандез, објасни дека „многупати овие настани резултирале со големо богатство на духовни плодови, раст во верата, побожност, братство и служење, а во некои случаи произлегле неколку светилишта низ светот кои денес се во центарот на народната побожност на многу народи“.

Сепак, постои можност „во некои случаи на претпсотавена натприродност“ да се откријат „многу сериозни критични прашања на штета на верниците“. Станува збор за случаи во кои „профитот, моќта, славата, признанието, личниот интерес“ произлегуваат од наводните појави, дури и до степен со кој „луѓето се контролираат или злоупотребуваат“.

Може да случат „доктринални грешки, непотребен редукционизам во форма на евангелиска порака и ширење на секташки дух“. Исто така, постои можност „верниците да бидат водени од настан кој се припишува на божествена иницијатива“, а кој е само производ на фантазија, митоманија или нечија склоност кон фалсификување.

Шест можни одлуки за наводен феномен

„Не мора да се очекува позитивно признавање од црковната власт во однос на божественото потекло на претпоставените натприродни појави“ (I, 11). Според тоа, по правило „ниту дијацезанскиот бискуп, ниту Бискупската конференција, ниту Дикастеријата нема да изјават дека појавите се од натприродно потекло и само Светиот Отец може да ја одобри постапката во оваа смисла“ (I, 23).

Следува список од шест можни конечни одлуки на крајот на распознавањето.

Nihil Obstat: не е изразена никаква сигурност за натприродна автентичност, но се препознаваат знаци на делување на Духот.

Prae oculis habeatur: се препознаваат позитивни знаци, но има и елементи на сомнежи или ризик кои бараат разгледување и дијалог со примателите.

Curatur: Присутни се критички елементи, но постои раширеност на феноменот со проверливи духовни плодови. Не се препорачува забрана која може да ги вознемири верниците, но се повикува бискупот да не ја поттикнува оваа појава. 

Sub mandato: критичните прашања не се поврзани со самиот феномен, туку со несоодветна употреба од страна на луѓе или групи. Светиот Престол го доверува пастирското раководство на местото на бискуп или делегат.

Prohibetur et obstruatur: и покрај некои позитивни елементи, критичните прашања и ризици се сериозни. Дикастеријата го моли бискупот јавно да прогласи дека приврзаноста не е дозволена.

Declaratio de non supernaturalitate: бискупот е овластен, врз основа на конкретни докази, да изјави дека појавата не е натприроден.

Постапка

Новите норми потоа ја нагласуваат постапката што треба да се спроведе. Останува на дијацезанскиот бискуп да ги испита случаите и да ја достави својата одлука до Дикастеријата на одобрување. Од бискупите се бара да се воздржат од давање јавни изјави за автентичност или натприродна природа и да се погрижат да нема забуна или сензационализам.

Доколку елементите на случајот „изгледаат дека се доволни“, дијацезанскиот бискуп потоа ќе формира истражна комисија која треба да вклучи најмалку еден теолог, еден канонист и експерт избран врз основа на природата на феноменот. 

Позитивни и негативни критериуми 

Документот наведува неколку позитивни критериуми за проценка на наводен натприроден феномен.

Тука спаѓаат: „веродостојност и репутација на лицата кои тврдат дека се приматели на натприродни настани или дека се директно вклучени во нив, како и угледот на сведоците кои биле сослушани...; доктринарната правоверност на феноменот и сите пораки поврзани со него; непредвидливата природа на феноменот, што покажува дека тој не е резултат на иницијативата на инволвираните лица; и плодовите на христијанскиот живот“ (II, 14).

Негативните критериуми вклучуваат: „можност за очигледна погрешка за настанот; потенцијални доктринарни грешки...; секташки дух кој создава поделби во Црквата; отворен стремеж кон профит, моќ, слава, општествено признание или друг личен интерес тесно поврзан со настанот; груби неморални постапки...; психолошки промени или психопатски тенденции кај личноста кои можеби влијаеле на наводниот натприроден настан; и секоја психоза, колективна хистерија и други елементи кои можат да се следат во патолошки контекст“ (II, 15).

На крајот, „употребата на наводни натприродни искуства или признати мистични елементи како средство или изговор за вршење контрола над луѓето или нанесување злоупотреба“ (II, 16) носи посебна морална тежина.

Без оглед на конечната одлука, дијацезанскиот бискуп „мора да продолжи да бдее над феноменот и инволвираните луѓе, вршејќи ја својата редовна власт“ (II, 24).

 

19 мај 2024, 15:19