Пребарување

Il Papa nella basilica di San Pietro, messa con i consacrati

Папата: Ние го градиме мирот, а не само моќниците со нивните преговори

Папата Фрањо го напиша предговорот на книгата „Правдата и мирот ќе се прегрнат“, која беше објавена од ватиканската издавачка куќа и веронскиот дневен весник L'Arena пред посетата на Папата на Верона на 18 мај. Светиот Отец ја осудува себичноста, која „кога ќе стане личен и општествен систем, ги отвора вратите за конфликти“ и потсетува на приказната за војникот Даласега кој одбил да убие, бидејќи бил верник, и свештеникот од Верона, дон Доменико Мерканте, заложник на нацистите.

Мирот не го градат само моќниците со нивните избори и меѓународни договори, кои остануваат исклучително важни и итни политички избори. И ние градиме мир, во нашиот дом, во семејството, меѓу соседите, во местата каде што работиме, во соседството каде што живееме. Ние го градиме со помагање на мигрантите на улица, со посета на осамена постара личност, почитувајќи ја злоупотребената Земја, прифаќајќи го секое дете што треба да се роди. Го градиме по примерот на личности како што се дон Доменико Мерканте, свештеник од планините во близина на Верона, кој бил земен како заложник од нацистичките војници на крајот на војната, и војникот Леонардо Даласег кој одбил да го убие затоа што бил верник, и двајцата се брутално убиени, но и двајцата сведочат дека љубовта го победува секое насилство и смрт.

Книгата е објавена по повод посетата на Верона

Сеќавања на минатото, препораките за сегашноста и ветувањата за иднината се испреплетени во предговорот што го потпишува папата Фрањо за книгата „Правдата и мирот ќе се прегрнат“, антологија на текстови и размислувања за актуелната тема за односот меѓу правдата и мирот, кој ќе биде во центарот на посетата на Папата на Верона на 18 мај. Книгата, издадена од ватиканската издавачка куќа и L'Arena, излезе од печат на 15 мај 2024 година, а во сабота ќе биде бесплатно дистрибуирана со веронскиот дневен весник L'Aren a, по повод посетата на папата на Верона.

Правдата и мирот се тесно поврзани

Ако нема правда, мирот е загрозен; без мир, правдата е загрозена – пишува Папата во предговорот. Вистина е повеќе од кога и да е дека правдата, сфатена како крепост да се даде она што му се должи на Бога и на ближниот, е тесно поврзана со мирот, во најавтентичната и најправилната смисла на хебрејскиот збор шалом. Тоа е термин кој не толку многу го означува отсуството на војна колку полнотата на животот и просперитетот.

Себичност која станува конфликт

Мирот ја овозможува правдата, прва меѓу „жртвите“ на секој конфликт, исто како што мирот станува предуслов за праведно општество. Но, и двете овие димензии на човештвото имаат „цена“ – забележува Папата – а тоа е борбата против сопствената себичност, односно против ставањето на моето пред нашето. Секоја себичност е неправедна, а кога ќе стане систем на личниот и општествениот живот, ја отвора вратата за конфликт, бидејќи за да ги заштитиме нашите интереси (или оние што ги сметаме за такви) – истакнува Папата – подготвени сме на се, дури и да го совладаме нашиот ближен, кој на тој начин станува противник, а со тоа и непријател кој треба да биде понижен, соборен и поразен.

Поуките на Романо Гвардини 

Во таа насока, папата Фрањо ги цитира недвосмислените зборови на „големиот „Веронезе“ кој израснал во Германија, Романо Гвардини вели: „Слободата не е во следењето на личната или политичката волја, туку во она што го бара природата на битието“. Токму образовната дејност и филозофско-духовните размислувања на Гвардини беа светилник во едно особено мрачно време како она во Германија во 30-тите и 40-тите години на минатиот век, зафатена од страшниот јарем на нацистичкиот режим - забележува Папата.

Дон Мерканте и војникот од Даласесга

Сеќавањето на тоа мрачно поглавје во историјата на Европа кај Папата го разбуди споменот на веронскиот свештеник дон Доменико Мерканте и војникот Леонардо Даласега. Станува збор за настан во кој правдата и мирот се споија во двојна лична жртва, од април 1945 година, во тоа бурно време на крајот на Втората светска војна.

Додека бегаат на север, група германски падобранци пресретнуваат војник на Вермахтот, Леонардо Даласега, по потекло од Вал ди Нона. Бидејќи бил сам, во повлекување, бил насилно вклучен во групата. По престрелката со партизаните, војниците го земаат како заложник 46-годишниот свештеник дон Доменико Мерканте, свештеник на мал град помалку од две години, но веќе познат по својата работа во заштитата на цивилното население за време на нацистичката окупација. Војниците сакале да се заштитат со свештеникот додека минувале низ планините, за да се спасат од евентуални репресалии. Пристигнувајќи во попладневните часови во Сере-Сан Мартино, офицер му наредил на Даласега да се ослободи од свештеникот. Но, Даласега - според очевидци - одговорил: „Јас сум католик, татко на четири деца, не можам да пукам во свештеник!“.

Да се даде живот за другиот, дури и по цена на сопствениот

И свештеникот и војникот биле застрелани. Телото на дон Доменико е вратено во Гијаца по неколку дена; Телото на Даласега е пронајдено со распетие, бројаница и фотографија од неговата сопруга во раката. Тој беше препознаен дури многу години подоцна: со децении, овој германски војник кој даваше отпор остана безимен. Приказната била истражувана, документирана и раскажана од веронскиот свештеник дон Луиџи Фракари, заедно со тогашниот Апостолски нунциј, монсињор Чезаре Орсениго.

Трагична околност – пишува папата Фрањо – во која, сепак, ја наоѓаме длабоката смисла на христијанската жртва: да се даде живот за другиот, дури и по цена на својот. Ова е тајната на Христовото Воскреение: насилството и смртта се победени со љубовта и дарот на себе.

Можеби - додава Папата во предговорот - нема да бидеме принудени да пролеваме крв за да ја исповедаме нашата вера, како што сè уште се случува во многу делови од светот за многу наши христијански браќа, но во мали нешта сме повикани да бидеме сведоци на силата на мирот на Крстот Христов и на новиот живот што се раѓа од него: со гест на простување кон оние кои нè навредиле, поднесувајќи неправедна клевета, помагајќи на некој што е на работ на општеството.

Да се избере мирот и правдата за изградба на нов свет

Така – истакнува Римскиот бискуп – се гради мир: со мали гестови, зборови, навики. Можеме да градиме мир со помагање на мигрант кој проси на улица, со посета на постара личност која е сама и нема со кого да разговара, со умножување на гестовите на грижа и почит кон планетата Земја која е многу злоупотребена од нашата експлоататорска себичност и со прифаќање на секое неродено дете што доаѓа на свет, што е гест кој за света Мајка Тереза беше автентичен чин на мир.

Против светската војна на делови има „мали парчиња мир“ кои ако се заварат заедно градат голем мир. Во овие секојдневни избори на мир и правда кои се „при рака“ можеме да го посееме почетокот на нов свет – нагласува Папата – во кој смртта нема да го има последниот збор и каде животот за сите ќе цвета.

 

16 мај 2024, 11:48