2024.01.07 Il cardinale ordina 9 sacerdoti nella Cattedrale di Managua, in Nicaragua (6 gennaio 2024) 2024.01.07 Il cardinale ordina 9 sacerdoti nella Cattedrale di Managua, in Nicaragua (6 gennaio 2024) 

Во Никарагва се ракоположени нови свештеници

Кардиналот Бренес ракоположи девет свештеници во Манагва, додека Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации бара од Владата на Никарагва да го открие местото каде што е затворен бискупот од Сиуна, Исидоро Мора: новиот бран апсења на црковни лица го поткопува „правото на верската слобода, столбот на секоја демократска држава“.

Надбискупијата во Манагва има девет нови свештеници: тие беа ракоположени на 6 јануари 2024 година, на празникот Богојавление, од надбискупот кардинал Леополдо Хозе Бренес Солорцано. Бројни верници со радост и емоции учествуваа на ракополагањето што се одржа во катедралата во Манагва.

Кардинал Бренес: свештениците се сведоци на братството

Во својата проповед, кардиналот му се заблагодари на Бога за прекрасниот дар на новите свештеници, нагласувајќи дека свештенството не е власт, туку послание и служба. Свештениците - истакна тој - се слуги и сведоци, повикани да го живеат заедништвото и братството.

Бран апсења

Новите свештеници беа ракоположени во тешко време за Црквата во Никарагва. Имено, од 20 декември се уапсени најмалку 14 свештеници, двајца семинаристи и бискупот од Сиуна, монсињор Исидоро дел Кармен Мора Ортега, кој беше киднапиран откако се молеше за монсињор Роландо Хозе Алварез Лагос, бискуп од Матагалпа, кој беше незаконски осуден на 26 години затвор и кој е во затвор од февруари минатата година. Црковната заедница е особено загрижена за киднапираните свештеници кои имаат здравствени проблеми, кои се болни и имаат потреба од лекарска помош.

Апел од ООН до владата на Никарагва

Во меѓувреме, Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации за Централна Америка упати нов апел до владата на Никарагва итно да открие каде е затворен монсињор Мора, „жртва на присилно исчезнување“ веќе 16 дена. Сокривањето на оваа информација – стои во објавата на платформата Х – го доведува во опасност неговиот живот“.

Веќе на 28 декември минатата година, OACNUDH го осуди „присилното исчезнување на епископот Исидор Мора“ и „новиот бран апсења на верници“ што го нарушува „правото на верска слобода, столбот на секоја демократска држава“. Според високиот комесар на ОН за човекови права, Никарагва „сè повеќе“ се оддалечува од владеењето на правото и „од основните слободи“ со прогонот на „политичките и домородните водачи, членовите на Католичката црква, активистите и новинарите“ и „повторени случаи на самоволно притворање“.

11 јануари 2024, 16:34