1661671755248.JPG

Папата до населението во Аквила: Сеќавањето е силата на еден народ

Светиот Отец во недела 28 август 2022 година престојува во италјанскиот град Аквила по повод прославата на Целестинската прошка. Пред Литургиското славење, Папата кај Пјаца Дуомо се обрати на цивилните власти, граѓаните и семејствата жртви на земјотресот, регион кој беше погоден во 2009 година.

Најпрво Светиот Отец ја изрази својата близина на семејствата и на целата заедница која „со големо достоинство се соочи со последиците на тој трагичен настан.“

Тоа е сведоштво на верата: дури и среде болка и збунетост, што е дел од нашето животно ходочастие, жителите на Аквила својот поглед го свртеа кон Христос распнат и воскреснат.

„Исус ве стави во рацете на Отецот, кој не дозволува ниту една солза да падне залудно, туку сите ги собира во своето милосрдно срце.“

Заедно да одиме

Во тоа срце, потсети Папата се запишани имињата на нивните сакани луѓе кои се преселија во вечноста. Заедништвото со нив е уште повеќе живо отколку некогаш. Смртта не може да ја уништи љубовта, потсети Папата.

Убавите зборови во тие ситуации помагаат, но болката останува. Со зборови болката не поминува, но тоа е израз на близина, пријателство и љубов. Заедно да се оди, нагласи Папата, братски да се помага и да се оди напред.

Сеќавањето е сила на еден народ

Светиот Отец ги пофали жителите и што овозможија да се изгради т.н. „капела на сеќавањето“ посветена на жртвите на земјотресот кај црквата Santa Maria del Suffragio.

„Сеќавањето е силата на еден народ, а кога тоа сеќавање е осветлено од верата, тој народ не останува заробеник на минатото, туку чекори, чекори во сегашноста свртен кон иднината, секогаш останувајќи врзан за корените и чувајќи го минатото, и доброто и лошото искуство.“

Храбро и трпеливо дело на обнова

Луѓето во Аквила ја покажаа својата отпорност. Вкоренетост во својата христијанска и граѓанска традиција, можеа да го издржат ударот на земјотресот и веднаш да започнат „храбро и трпеливо дело на обнова.“

„Сѐ беше за обнова: куќите, училиштата, црквите. Но, како што добро знаете, тоа се прави заедно со духовната, културната и општествената обнова на граѓанските и црковните заедници.“

Личното и заедничкото препородување, после трагедијата е дар на милост и плод на залагање на сите сите заедно, нагласи Папата. (...)

Важноста за обнова на црквите

Посебно внимание во обновата заслужува црквата, додаде Папата.

„Таа е наследство на заедницата, не само во историска и културна смисла, туку и во идентитетска. Тие се камења исполнети со вера и вредностите на народот; а храмовите исто така се поттикнувачки места на неговиот живот, неговата надеж.“

Поздрав до затворската делегација

Меѓу присутните на Пјаца Дуомо беше и делегација од затворот во Абруцо. Папата посебно ги поздрави, наведувајќи дека во нив има „знак на надеж“. Има многу, премногу жртви во затворите, рече тој. „Тука сте денес како знак на надеж за човечко и социјално обновување“.

29 август 2022, 11:04