Папата: Љубовта го отвора патот кон мирот
Првиот ден од новата година, 1 јануари 2024 година, ново време во кое Бог ни дава да го живееме и на денешниот празник Пресвета Богородица да го ставаме под заштита на Марија. Зборувајќи за неа во своето пладневно обраќање пред присутните верници на плоштадот Свети Петар, папата Фрањо го истакна молкот пред раѓањето на Спасителот и го објасни неговото значење:
Тоа не е едноставно отсуство на зборови, туку тишина полна со чудење и обожавање поради чудата што Бог ги прави. „Марија - забележува свети Лука - (...)ги пазеше сите тие зборови, слагајќи ги во срцето свое“. На тој начин таа му дава простор во себе на Оној што се роди во неа.
И нашите мајки често се „катедрали на тишината“
Марија е мајка затоа што го истакнува својот Син, не заземајќи место – истакна Папата, истакнувајќи дека Марија истото ќе го направи во мрачниот момент во подножјето на крстот. Отец Давид Марија Туролдо, поет од дваесеттиот век, ја нарече Марија „катедрала на тишината“ каде што Бог и човештвото можат да се сретнат. Тоа е прекрасна слика – рече Папата и додаде:
Но, и нашите мајки, со нивната скриена грижа, со нивната грижливост, често се величествени катедрали на тишината. Тие нè раѓаат, а потоа продолжуваат да нѐ следат, многупати незабележано, за да растеме. Да потсетиме: Љубовта никогаш не гуши, љубовта му дава простор на другиот и му помага да расте.
Мирот загрозен од жедта за моќ
Да ги погледнеме мајките – поттикна Папата – за да ја научиме од нив љубовта која знае да направи простор за друг, која го почитува отфрлајќи ги сите форми на поседување, угнетување и насилство. Денес тоа е многу неопходно! – истакна тој и осврнувајќи се на пораката за Светскиот ден на мирот што се одбележува денеска, истакна:
Слободата и мирниот соживот се загрозени кога човечките суштества подлегнуваат на налетот на себичноста, личниот интерес, страста за профит и жедта за моќ. Љубовта, напротив, се состои од почит и добрина.
На крајот, папата Фрањо посака во новата година да растеме во таа блага љубов која раѓа живот, за да ги отвориме патиштата на мирот и помирувањето во светот.