Pope Francis leads Angelus prayer at Vatican

Ангел Господов: Покажете колку е убаво да се сака Господ

Во неделната молитва Ангел Господов, папата Фрањо истакна дека Исус нè охрабрува со својот живот и радост да сведочиме колку е убаво да се сака Исус, нагласувајќи дека навестувањето на Евангелието никогаш не е „загубено време“.

Говорот пред молитвата Ангел Господов во недела 21 јануари 2024 година папата Фрањо го посвети на повикот на првите ученици. Исус им пријде на некои млади рибари и ги повика да го следат за да ги направи „рибари на луѓе“. „Ова ни кажува нешто важно: Господ сака да нè вклучи во Неговото дело на спасение, Тој сака да соработуваме со Него, да бидеме одговорни и да ја преземеме улогата на протагонисти“.

„Да се донесе Божјото спасение на сите е најголемата среќа за Исус, неговото послание и смислата за неговото доаѓање меѓу нас и неговиот одговор на љубов кон Отецот“, нагласи Светиот Отец и предупреди: Навестувањето на Евангелието не е губење време, тоа е ослободување од себе преку помагање на другите за да бидат слободни; тоа значи да станеш подобар, помагајќи им на другите да станат подобри!

На крајот од обраќањето, Папата праша: „Кога се молам, дали му благодарам на Господ што ме повика да ги усреќам другите? Дали сакам да помогнам некому со моето сведоштво и мојата радост да вкуси колку е убаво да се сака Исус. Дева Марија нека ни помогне да уживаме во радоста на Евангелието!“

По молитвата, Папата потсети дека кон крајот на оваа година ќе започне Јубилејот. Ве молам да ја засилите вашата молитва за да да се подготвиме добро да го доживееме овој благодатен настан и да ја искусиме силата кога се доверуваме во Бога. Затоа денес ја започнуваме Годината на молитва, односно година посветена на повторното откривање на големите вредности и апсолутната потреба за молитва, од молитва во личниот живот до молитва во животот на Црквата и во светот. Во тоа ќе ни помогнат материјалите кои ќе ги подготви Дикастеријата за евангелизација.

Спомнувајќи дека сме во Молитвената осмина за единство на христијаните, Папата повика да не се измориме да го молиме Господ за мир во Украина, Израел, Палестина и во многу други делови од светот.

Од недостаток секогаш страдаат најслабите, при тоа мислам на најмалите, многуте повредени и убиени деца, лишени од љубов, соништа и иднина. Чувствуваме одговорност да молиме за изградба на мир за сите нив. Со тага ја примив веста за киднапирањето на група луѓе во Хаити, меѓу кои и шест монахињи. Додека искрено молам за нивно ослободување, се молам за социјална хармонија во таа земја и ги повикувам сите да стават крај на насилството што предизвикува толку многу страдања на драгиот хаитски народ.

21 јануари 2024, 23:41

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >