2024.01.29 Dirigenti e Dipendenti di TV2000 e di Radio in Blu

Папата ги повика италијанските католички новинари да одат против струјата

Папата Фрањо се сретна со новинарите од двете католички телевизиски и радио мрежи во сопственост на Италијанската бискупска конференција, охрабрувајќи ги да продолжат да комуницираат со срце, одговорност и близина со најранливите и најмаргинализираните луѓе во општеството.

Среде виорот на технолошки иновации кои се достапни во светот на комуникациие и информациите, вклучително и вештачката интелигенција, католичките комуникатори никогаш не смеат да ја изгубат од вид нивната основна мисија да ја донесат „светлината на надежта“ во темнината што не опкружува.

Папата Фрањо го истакна ова примајќи ги во понеделник, 29 јануари 2024 година во салата Павле VI. во Ватикан, раководителите и вработените во католичките телевизиски мрежи во сопственост на Италијанската бискупска конференција, по повод 25-годишнината од нивното основање.

Истакнувајќи дека секоја комуникација и информација секогаш имаат свои корени во човекот, папата Фрањо посочи три клучни зборови за нивната работа.

Близина наспроти доминантната логика на медиумите

Првиот збор е близина. Секој ден – преку телевизија или радио, рече Папата, станувате блиски со многу луѓе кои во вас наоѓаат пријатели од кои можат да добијат информации, со кои можат да поминат пријатно време или да откриваат нови реалности, искуства и места.

Затоа, Римскиот бискуп ги охрабри италијанските католички комуникатори да продолжат да создаваат мрежи, плетејќи вистински врски, зборувајќи за убавината и доброто на нивните заедници и ставајќи ги маргинализираните членови на општеството во преден план. Ги охрабри да ја отфрлат доминантната логика, која се стреми исклучиво за моќ и на тој начин води кон создавање лажни вести. Никогаш не ги заборавајте оние кои се на маргините, сиромашните, сами и отфрлените луѓе, апелираше Папата.

Светиот Отец ги замоли во работата и делувањето секогаш да имаат на ум три збора: близина, сочувство и нежност.

Одете со срцето против струјата

Друг клучен збор што го спомна папата Фрањо е срцето. Никогаш не ги одвојувајте фактите од срцето! потача Папата. Сè започнува таму, бидејќи срцето е она што ја овозможува близината.

Светиот Отец ги повика присутните да имаат храброст да одат против струјата. Оние кои имаат срце имаат храброст да бидат алтернативни. Затоа, тој нагласи дека тие треба да бидат веродостојни, без да го наметнуваат своето гледиште; туку да бидат градители на мостови.

Одговорност

Потоа Папата го истакна зборот одговорност: Секој, рече тој, треба да го даде својот дел за да се погрижи обликот на комуникација да биде објективна, да се почитува човечкото достоинство и да се води сметка за општото добро.

На крајот, Светиот Отец го повтори својот повик до новинарите да продолжат да комуницираат со близина, срце и одговорност, потсетувајќи ги на зборовите на Свети Фрањо од Салес, заштитникот на новинарите и писателите.

30 јануари 2024, 10:10