Папата Фрањо се сретна со аргентинскиот претседател Милеи
Претседателот Хавиер Херардо Милеи и папата Фрањо накратко се сретнаа во недела, 11 февруари 2024 година, на маргините на свечената света Литургија, која ја предводеше Папата во базиликата Свети Петар. За време на светата Литургија, Папата ја прогласи за светица Марија Антонија од Сан Хозе де Паз и Фигуероа, позната во светот како Мама Антула, со што стана првата аргентинска светица.
Во понеделник, 12 февруари 2024 година, Папата, кој е од Аргентина, го прими претседателот на Аргентина на приватна аудиенција во Апостолската палата. Претседателот Милеи беше придружуван од неговата сестра Карина Милеи, која е генерална секретарка во Претседателството на Аргентина.
Новоизбраниот претседател положи заклетва на 10 декември 2023 година.
Канцеларијта за печат на Светиот Престол издаде соопштение во кое се вели дека претседателот Милеи потоа се сретна со државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пјетро Паролин и секретарот за односи со државите и меѓународните организации надбискупот Пол Ричард Галагер.
За време на срдечните разговори, кои се одржаа во Државниот секретаријат, беше изразена благодарност за добрите односи меѓу Светиот Престол и Република Аргентина и волјата за нивно дополнително унапредување, се наведува во соопштението.
Според соопштението, соговорниците потоа разговарале за програмата на новата Влада за справување со економската криза. Вниманието потоа било фокусирано на различни теми од меѓународен карактер, посебно на актуелните конфликти и посветеноста на мирот меѓу народите.