Папата до нигериската заедница во Рим: Не се затворајте во сопствената култура
Благодарност, богатство во различноста и дијалог – за папата Фрањо тоа се три „витални“, многу неопходни елементи за животот на нигериската заедница во Рим. Во понеделник, 25 март, Светиот Отец ги прими во аудиенција во салата Павле VI, поттикнувајќи ги да го задржат белегот на „универзалноста“ и никогаш да не се затворат во сопствената култура, во речиси „племенска“ изолација.
Римскиот бискуп најпрво изрази благодарност за радосното сведочење на евангелската порака, како и за многубројните млади Нигеријци кои го слушнаа Господовиот повик за свештенството и го посветија животот и одговорија со великодушност, понизност и истрајност. Некои од нив се присутни на аудиенцијата - истакна Папата, охрабрувајќи ги секогаш да бидат мисионери, благодарни што Господ ги избра да го следат и ги испрати ревносно да ја навестуваат нашата вера и да придонесат за изградба на поправеден и похуман свет.
Богатство во различноста
Фокусирајќи се потоа на темата за богатството во различностите, Папата истакна: Различноста на етничките групи, културните традиции и јазици во вашиот народ не е проблем, туку дар што го збогатува ткивото на Црквата, како и на целото општество и овозможува промовирање на вредностите на меѓусебно разбирање и заеднички живот.
Опасност од затворање
Папата се надева дека во прифаќањето и следењето на нигериските и другите верници, нигериската заедница во Рим секогаш ќе личи на големо инклузивно семејство, каде што секој ќе може да ги користи своите различни таленти, кои се плодови на Светиот Дух, за меѓусебна поддршка и зајакнување во моменти на радост и тага, успеси и тешкотии. На овој начин ќе може да се посее семето на општествено пријателство и хармонија за сегашните и идните генерации – рече папата Фрањо предупредувајќи на опасноста:
Опасност од затворање; да не се биде универзален, туку затворен - си дозволувам да го употребам зборот - племенска изолација. Не. Вашите корени стануваат затворени, изолирани во таа племенска и неуниверзална, незаедничка гледна точка. Заедница да; племе, не. Тоа е многу важно и треба да се направи. Ова важи за сите нас, за секого, секој според неговата позиција. Универзалноста не е затворање во сопствената култура. Вистина е, сопствената култура е дар, но не за да се затвори: треба да се даде, да се понуди.
Слушајте се едни со други, не исклучувајќи никого на политичко, социјално и верско ниво
На крајот Светиот Отец препорача дијалог. За жал, многу области во светот доживуваат конфликти и страдања, а Нигерија исто така минува низ период на тешкотија - истакна тој и ги вети своите молитви за сигурност, единство и духовен и економски напредок на нивната нација. Покрај тоа, ги охрабри сите да го поддржуваат дијалогот и да се слушаат меѓусебно со отворени срца, не исклучувајќи никого на политичко, социјално и верско ниво.
Интегрирајте, водете дијалог, бидете универзални, секогаш [почнувајќи] од сопствениот идентитет.
Божјиот „стил“
Истовремено, папата Фрањо ги охрабри да бидат предвесници на големата милост Господова, работејќи на помирување и придонесувајќи да им се олесни товарот на сиромашните и најбедните, а „Божјиот стил“ да биде нивен стил. Тоа е, близина, сочувство и нежност . Не заборавајте го тоа. Божјиот стил е близина, сочувство и нежност. На тој начин, сите Нигеријци ќе можат да продолжат да чекорат заедно во братска солидарност и хармонија.