TOPSHOT-UKRAINE-RUSSIA-CONFLICT

Папата Фрањо: Разоружувањето е морална должност

По пладневната молитва Ангел Господов во недела 3 март 2024 година, Папата го охрабри „големото семејство на народи“ да има храброст да премине од рамнотежата на страв во рамнотежата на доверба

Откако во своето пладневно обраќање силно истакна дека е доста од војната што полека ја уништува Газа - поврзувајќи ја со конфликтот на Блискиот Исток, како и секогаш, со трагедијата во измачената Украина, „каде што многу луѓе умираат секој ден“ и каде „има толку многу болка“ - папата Фрањо го искористи одбележувањето на 5 март, Меѓународниот ден за зајакнување на свеста за разоружување и забраната за ширење на оружјето, за одлучно да го потврди своето „не“ без исклучок во трката за арсенали.

Колку средства се фрлаат за воени расходи, кои, за жал, и понатаму се зголемуваат поради актуелната состојба! Искрено се надевам дека меѓународната заедница сфаќа дека разоружувањето е пред сè должност: разоружувањето е морална должност. Да се потсетиме на тоа.

Рамнотежа на доверба

Папата Фрањо, исто така, апелираше до срцата на луѓето, истакнувајќи на која вредност треба да се фокусира нашата планета ако има намера повторно да ја открие сигурноста заснована на хармонија, а не на кревка сигурност контролирана со оружје.

За ова е потребна храброст од страна на сите членови на големото семејство на народи да преминат од рамнотежа на страв во рамнотежа на доверба.

Меѓу поздравите упатени до различните групи присутни на плоштадот Свети Петар, Папата посебно ги поздрави младите Украинци кои беа поканети од Заедницата Свети Егидиј на средба на тема „Надминете го злото со добро“. Молитва, сиромашни, мир“. Драги млади, ви благодариме за вашето ангажирање за оние кои најмногу страдаат поради војната – рече на крајот папата Фрањо.

03 март 2024, 17:30

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >