FILE PHOTO: Illustration shows words "Artificial Intelligence AI\

Потребна е мудрост на срцето за повторно откривање на човечката комуникација

Поздравувајќи ги верниците по молитвата Царице небесна на 12 мај 2024 година, Папата го спомена Светскиот ден на социјалната комуникација, кој е посветен на вештачката интелигенција. Потоа им упати најубави желби на мајките по повод празнувањето на Денот на мајките, споменувајќи ги со благодарност и оние кои заминале во небо.

Во денешно време е важно да се постигне „целосна човечка комуникација“, поттикна папата Фрањо поздравувајќи ги, по молитвата Царице небесна, присутните на плоштадот Свети Петар, потсетувајќи дека денеска се одбележува Светскиот ден на социјалната комуникација на тема „Вештачката интелигенција и мудроста на срцето“.

Само со враќање на мудроста на срцето можеме да ги толкуваме проблемите на нашето време и повторно да го откриеме патот до целосно човечка комуникација. Им благодариме на сите вработени во комуникациите за нивната работа!

Ден на мајката 

Папата потоа ги упати своите најдобри желби до мајките, посебно до мајките каде денес се слави Денот на мајките, мислејќи на нив со благодарност и поттикна на молитва за мајките кои заминале на небо. Воедно ги охрабри верниците присутни на плоштадот Свети Петар да аплаудираат за сите нив.

Изложба „Промени“

На крајот, Римскиот бискуп им се заблагодари на организаторите на изложбата на фотографии со наслов „Промени“, поставена под колонадата на плоштадот Свети Петар. Станува збор за изложба на која фотографи од целиот свет ја прикажуваат убавината на нашиот заеднички дом, дар од Создателот, кој сме повикани да го зачуваме – рече Папата, поканувајќи ги сите да ја посетат изложбата.

 

13 мај 2024, 09:25

Што е Царице небесна?

Антифонот Царице небеска (Regina Caeli) е еден од четирите маријански антифони (другите се Alma Redemptoris Mater, Ave Regina Coelorum и Salve Regina).

Папата Бенедикт XIV, во 1742 година, ја пропиша офаа молитва да се моли наместо Ангел Господов, како знак за победа над смртта, за време на Воскресното време, односно од неделата на Воскресение до денот на Педесетницата.

Како и Ангел Господов, и оваа молитва се моли трипати на ден: наутро, напладне и на зајдисонце, и на тој начин денот го посветуваме на Бог и на Марија.

Овој многу стар антифон датира, според една побожна традиција, од VI или X век, додека нејзиното распространување е документирано во XIII век, кога станува дел од Фрањевскиот часослов. Молитвата се состои од четири кратки стихови од кои секој завршува со Алилуја, и истата претставува молитва што верниците ја упатуваат до Марија, небесната Царица, и така заедно со неа се радуваме за Воскресението.

Папата Фрањо, на 6 април 2015 година, токму за време на молитвата Царице небесна на вториот ден од Велигден, даде совет за тоа каква треба да биде состојбата на срцето кога се моли оваа молитва:

„ ...Се обраќаме кон Марија поканувајќи ја да се зарадува, бидејќи Оној што го носеше во утробата воскресна како што вети и така се доверуваме на нејзиното застапништво. Всушност, нашата радост претставува еден отсјај на радоста на Марија, бидејќи Таа е онаа што ги зачувала и ги чува со вера настаните на Исус. Значи, ја молиме оваа молитва со чувство на деца кои се среќни, бидејќи нивната Мајка е среќна“.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >