Pope Francis proclaims the upcoming Jubilee Year 2025

Почетокот и завршеток на Светата 2025 година во Универзалната и Партикуларната Црква

Во булата за прогласувањето на Јубилејната или Светата 2025 година, „Spes non confundit“ („Надежта не разочарува“), папата Фрањо утврди дека јубилејот 2025 ќе трае од крајот на декември 2024 година до почетокот на јануари 2026 година.

Папата Фрањо, во булата за Јубилејната или Светата 2025 година објавена на Вознесението во четврток, 9 мај, го објави распоредот на отворање и затворање на светите врати на базиликите во Ватикан и престолните градови на партикуларните Цркви.

Папата во булата, која ја прочита монс. Леонардо Сапиенца, година на празникот Вознесение Господово во четврток, 9 мај 2024 година, за време на службата за примопредавање и читање на Булата со која се прогласува Јубилејот 2025, одредува дека почетокот на редовниот јубилеј 2025 година ќе биде означен со отворање на Светите Врати на базиликата Свети Петар во Ватикан на 24 декември 2024 година. Во недела, 29 декември 2024 година, епархиските епископи ќе слават Света Евхаристија во сите катедрали и конкатедрали како свечено отворање на јубилејната година.

Светата година во месните Цркви завршува во недела на 28 декември 2025 година, а Светата 2025 година ќе заврши со затворање на Светите Врати на базиликата Свети Петар во Ватикан на 6 јануари 2026 година, на празникот Богојавление.

Светата 2025 година е во континуитет со претходните години на благодат, пишува Папата во булата и продолжува: Во последната редовна Света година се премина прагот на двеилјадната годишнина од раѓањето на Исус Христос. Потоа, на 13 март 2015 година, прогласив вонредна Света година со цел на луѓето да им се покаже „лицето на Божјото милосрдие“ централната објава на Евангелието за сите луѓе во сите времиња. Сега дојде време за новата Света година, во која Светата Врата повторно ќе се отвори широко за да овозможи живо искуство на Божјата љубов што ја буди во срцето сигурната надеж за спасение во Христа. Оваа Света Година, во исто време, ќе го покаже патот кон уште еден суштински настан за сите христијани: во 2033 година ќе се слави две илјади години од откупувањето со страдање, смрт и воскресение на нашиот Господ Исус Христос. Затоа, пред нас е патување обележано со големи фази во кои Божјата благодат му претходи и го придружува народот кој е вреден во верата, активен во љубовта и непоколеблив во надежта (сп. 1. Солунјаните 1,3).

Врз основа на многу долгата традиција и со сигурност дека оваа Света Година ќе биде интензивно искуство на благодат и надеж за целата Црква, одредувам Светите Врати на базиликата Свети Петар во Ватикан да бидат отворени на 24 декември 2024 година, со што ќе се означи почетокот на редовниот јубилеј. Следната недела, 29 декември 2024 година, ќе ја отворам Светата Врата на мојата престолна црква Свети Иван Латерански, чија 1700-годишнина од осветувањето ќе се одбележи на 9 ноември годинава. На 1 јануари 2025 година, на празникот Света Марија Богородица, ќе бидат отворени Светите Врати на Папската базилика Света Марија Велика. На крај, во недела, на 5 јануари 2025 година, ќе бидат отворени Светите Врати на Папската базилика Свети Павле надвор од ѕидините Светите Врати на последните три базилики ќе бидат повторно затворени најдоцна до недела, 28 декември истата година, пишува Папата во булата со која го најавува редовниот јубилеј, Светата 2025 година.

Понатаму, Папата одредува во недела, 29 декември 2024 година, епархиските епископи да слават Светата Евхаристија во сите катедрали и конкатедрали како свечено отворање на Јубилејната година, според обредникот, кој ќе биде подготвен за таа пригода. За прослави во конкатедралните цркви, епископот може да биде заменет со делегат назначен за таа прилика. Ходочестието од црквата, избрана за collectio, до катедралата нека биде знак на патот на надежта кој, осветлен од Божјото Слово, ги обединува верниците. За време на понатамошните ходочестија нека се прочитаат делови од овој документ и на народот нека се прогласи јубилејниот опрост, кој ќе може да се добие според прописите содржани во истиот обредник за прослава на Светата Година во партикуларните цркви, се објаснува во булата на Папата и додава: За време на Светата Година, која во партикуларните Цркви завршува во недела, 28 декември 2025 година, потребно е да се води грижа Божјиот народ со потполно учество да ја прими пораката за надеж во Божјата благодат и знаците што сведочат на нејзината делотворност. 

Редовниот јубилеј ќе заврши со затворање на Светите Врати на базиликата Свети Петар во Ватикан на 6 јануари 2026 година, на празникот Богојавление, како што е определено во булата за Света 2025 година.

„Светлината на христијанската надеж нека допре до секој човек како порака на Божјата љубов упатена до сите! А Црквата во секој дел од светот нека биде верен сведок на таа порака!“ е желбата на светиот отец Фрањо.

 

14 мај 2024, 09:16