Папата до затворениците во Верона: Споделете ја болката со Бога и со другите
Најдолгата средба за време на еднодневната посета на папата Фрањо на Верона беше неговата средба во градскиот затвор Монторио. Голем број затвореници и персонал се собраа на спортскиот терен на установата за да го поздрават Папата. По говорите на директорката на затворот Франческа Џојени и младиот затвореник Дуарте, на присутните Папата им се обрати накратко.
Затворот како место на хуманост
„За мене влегувањето во затвор е секогаш важен момент затоа што затворот е место на голема хуманост“, рече Папата, истакнувајќи дека во затворот човечноста е „искушувана, а понекогаш и оптоварена со тешкотии, вина, осуда, недоразбирање и страдање“. Меѓутоа, во исто време, затворот е место „полно со сила, желба за прошка и волја за откупување“, рече Папата.
Папата потоа додаде дека со голема тага ја примил веста дека некои затвореници неодамна извршиле самоубиство. „Ова е тажен и ужасен чин кој може да доведе само до неподнослив очај и болка. Постоењето, рече Папата, е „уникатен дар“ за нас самите и за другите и „пред се за Бога кој никогаш не не напушта и кој навистина знае да слуша, да се радува и да плаче заедно со нас“. Да разговараме со Бога за нашата болка и да си помагаме меѓусебно да ја поднесеме како сопатници, поттикна Папата.
Божјо татковство
Во својот поздравен говор, директорката на затворот истакна дека затворениците доаѓаат од 40 различни земји и различна верска позадина. „Господ е еден“, им рече Папата на затворениците. „Нашите култури не научија да го нарекуваме со различни имиња и да го наоѓаме на различни начини, но Тој е истиот Отец на сите нас.
„Тој е еден“, продолжи Папата, „и сите религии, сите култури на различни начини гледаат на единствениот Бог. Тој никогаш не не остава. Со него покрај нас можеме да го надминеме очајот и да го живееме секој момент како вистинско време за почеток“, рече меѓу другото папата Фрањо, кој по средбата ручаше со затворениците.