2024.05.09 Ascensione del Signore â   Consegna e lettura della Bolla di indizione del Giubileo 2025 e Secondi Vespri

Сонот на Папата за Јубилејот: Да замолчи оружјето, да се укине смртната казна и да се простат долговите на сиромашните

На празникот Вознесение, папата Фрањо го предводеше примопредавањето и читањето на Булата за прогласување на Светата 2025 година со наслов „Spes non confundit“ (Надежта не разочарува).

Булата е поделенa на 25 точки, а содржи молби, предлози, апели за затворениците, болните, старите, сиромашните, младите и ја најавува веста за Светата година, чие мото ќе биде „Ходочесници на надежта“.

Заеднички датум за празникот Воскресение Христово - Велигден

Во документот, папата Фрањо потсетува на два значајни јубилеи: Во 2033 година се навршува две илјади години од Откупувањето и 1.700 години од првиот голем Вселенски собор во Никеја, кој, меѓу другите теми, се занимаваше и со велигеднскиот датум. И денес „различните гледишта“ го оневозможуваат одбележувањето на овој клучен настан на верата во ист ден, нагласува Папата, потсетувајќи дека „поради провидоносни околности тоа ќе се случи токму во 2025 година“ (17). „Ова нека биде повик за сите христијани од Исток и Запад да направат одлучувачки чекор кон единство околу заедничкиот датум за Велигден“, рече Папата.

Отворање на Светата врата

Папата понатаму одреди дека Светата врата на базиликата Свети Петар ќе биде отворена на 24 декември 2024 година. Во недела потоа, на 29 декември, Папата ќе ја отвори Светата врата во базиликата Свети Иван Латерански; потоа на 1 јануари 2025 година во базиликата Света Марија Велика, а на 5 јануари во базиликата Свети Павле надвор од ѕидините. Трите врати потоа ќе бидат затворени до 28 декември истата година. Јубилејот ќе заврши со затворање на Светата врата на базиликата Свети Петар на 6 јануари 2026 година (6)

Знаци на времето 

Покрај тоа што сме повикани да најдеме надеж во Божјата благодат, повикани сме да ја откриеме и во знаците на времињата што ни ги дава Господ, пишува Светиот Отец. „Првиот знак на надеж“ треба да биде нашата желба за мир во светот „кој уште еднаш е потопен во трагедијата на војната“. Како што пишува: „Заборавајќи ги трагедиите од минатото, човештвото е подложено на нов и тежок испит во кој многу народи се угнетувани од бруталноста на насилството. Што уште им недостига на овие народи, а веќе да не пострадале? Како е можно нивниот очајнички повик за помош да не ги охрабрува лидерите на народите да сакаат да стават крај на премногуте регионални конфликти, свесни за последиците што можат да настанат на глобално ниво? Дали е премногу да се сонува дека оружјето ќе замолчи и ќе престане да донесува уништување и смрт?“ (8)

Намалување на наталитетот 

Светиот Отец ја изразува својата загриженост за „падот на наталитетот“ што се забележува во различни земји и од различни причини, како што се „лудиот ритам на животот“, „стравовите за иднината“, „недостигот од гаранции за работа и социјална заштита“ и „социјални модели“ во кои доминира потрагата по профит, а не односи. За Папата, постои „итна“ потреба верниците и граѓанското општество да дадат „сигурна поддршка“ на желбата на младите да имаат деца, така што иднината ќе биде „обележана со насмевките на многу момчиња и девојчиња кои доаѓаат да ги пополнат сега премногуте празните лулки“ (9).

За затворениците, почит, достоинствени услови, укинување на смртната казна

Потоа следи охрабрување да се дадат „опипливи знаци на надеж“ на затворениците. Папата ги повикува властите да понудат форми на простување на казните и патишта за реинтеграција во заедницата. Тој се надева на „достоинствени услови за затворениците, почитување на човековите права“ и „укинување на смртната казна“ (10). Папата ќе ја отвори Светата врата и во еден затвор за да изрази конкретен знак на близина со затворениците. Знаци на надеж треба да се носат и кај болните, како и кај младите луѓе чии соништа, како што вели, често се „срушени“ (11, 12).

Да се овозможи на мигрантите да се интегрираат во општеството

Осврнувајќи се на мигрантите, Папата бара на бројните прогонети и бегалци, кои се принудени да бегаат поради контроверзните меѓународни настани за да избегнат војни, насилство и дискриминација, да им се гарантира безбедност и пристап до работа и образование, неопходни алатки за нивно вклучување во новиот социјален контекст ( 13).

Внимание кон постарите и сиромашните лица

Папата не ги заборава многубројните стари луѓе кои доживуваат осаменост и напуштеност, а се осврнува и на „милијарди“ сиромашни луѓе во светот кои „страдаат поради исклученоста и рамнодушноста на многумина“. Светиот Отец го смета за „скандалозен“ фактот што сиромашните го сочинуваат мнозинството од населението на светот „обдарен со огромни ресурси, а големиот дел е наменет за вооружување“ (15). Тој бара излив на великодушност од оние кои поседуваат богатство и го повтори повикот да се формира „глобален фонд за конечно отстранување на гладот“ со пари од воените трошоци. Папата ги повика и најбогатите нации „да се согласат да им ги простат долговите на земјите кои никогаш не би можеле да ги вратат“. „Станува збор за правда – пишува папата Фрањо – која денес е отежната со нова форма на нееднаквост“ како што е „еколошкиот долг“, особено меѓу Северот и Југот (16).

Потоа Папата во Булата ги повикува верниците да се угледаат на сведоштвото на мачениците кои припаѓаат на различни христијански традиции и изрази желба за време на Светата година „да не недостасува екуеменско славење“ (20).

Важноста на Светата Тајна помирување и службата на мисионерите на милосрдието 

Светиот Отец се осврна и на важноста на Светата Тајна помирување - Исповед и најави продолжување на службата на мисионерите на милосрдието. Од бискупите бара да ги испратат на места каде што „надежта е ставена на искушение“ или каде што „се гази достоинството на човекот“ (23).

Повик до верниците од Источните цркви 

Папата упатува „посебен апел“ до верниците од Источните цркви кои „страдаа толку многу, често и до смрт, поради нивната верност кон Христос и Црквата“. Овие браќа „мора да се чувствуваат особено добредојдени во овој Рим, кој е и нивна мајка“. Тој се осврна и на Православните верници кои веќе минуваат низ „ходочестието на Крстниот пат“, принудени да ги напуштат родните огништа поради насилство и нестабилност.

Молитва во маријанските светилишта 

Папата Фрањо ги повикува ходочесниците кои доаѓаат во Рим да се молат во маријанските светилишта за заштитата на Марија, со цел „да ја доживеат близината на најљубезната мајка која никогаш не ги напушта своите деца“ (24).

 

10 мај 2024, 14:03