2024.06.12 Udienza Generale

Генерална аудиенција: Светиот Дух го прави Писмото живо и делотворно

Папата Фрањо, продолжувајќи ја серијата катехези за Светиот Дух на Генералната аудиенција, во среда 12 јуни 2024 година, зборуваше за улога на Светиот Дух во вдахновувањето и толкувањето на Светото Писмо.

„Светиот Дух, кој го вдахнал Писмото, е и Оној кој го толкува и го прави трајно живо и делотворно. Од вдахновено преку него станува вдахновително“, рече Папата. Даде пример како одреден пасус од Светото Писмо, кој многупати сме го читале без да поттикне посебни чувства, еден ден „засветлува во срцето“. „Од каде оваа промена, ако не поради просветлувањето на Светиот Дух!?“, праша Петровиот наследник.

Црквата се храни со духовно читање на Светото Писмо, односно читање под водство на Светиот Дух кој го вдахна, рече понатаму Папата и истакна:

„Црквата, Христовата Свршеница, вдахновениот текст го толкува со власт, е посредник на неговото автентично навестување. Бидејќи Црквата е обликувана од Светиот Дух - затоа и толкува - таа е „столб и тврдина на вистината“ (1. Тимотеј 3,15). Зошто? Бидејќи е вдахновена, цврсто ја придружува Светиот Дух. Задачата на Црквата е да им помогне на верниците и на оние кои ја бараат вистината правилно да ги толкуваат библиските текстови“.

Истакнувајќи ја важноста на lectio divina, односно личното и медитативно читање на Библијата, папата Фрањо истакна дека „духовното читање на Светото Писмо во вистинска смисла на зборот е она заедничкото што се случува на Литургијата, на Светата Миса“. Хомилијата, додаде тој, мора да помогне Божјото Слово да се преточи од зборови во живот.

„Меѓу повеќето Божји Слова што ги слушаме секој ден на светата Литургија или на литургијата на часовите, секогаш има едно наменето за нас. Прифатено во срцето, може да ни го разубави денот и да ја вдахнови нашата молитва. Се работи за тоа да не се дозволи да падне на празно!“

Папата Фрањо ја заврши својата катехеза повикувајќи се на зборовите на свети Августин, кој вели дека „целата Библија не прави ништо друго, освен што проповеда за Божјата љубов“. Свети Григориј Велики, пак, вели дека Светото Писмо е како „писмо на Семоќниот Бог до неговото создание“, односно како писмо на Младоженецот до својата невеста. „Светиот Дух, кој го вдахнал Писмото и сега дише од Светото Писмо, нека ни помогне да ја сфатиме таа Божја љубов во конкретните околности на животот“, рече папата Фрањо на крајот од катехезата.

На Генералната аудиенција тој уште еднаш апелираше за мир, велејќи дека „војната е секогаш, од првиот ден, пораз“. Тој повика да не се заборави на „страдалната Украина“, Палестина, Израел, Мјанмар и бројните земји кои се во војна. Нека Господ ни даде сила секогаш да се бориме за мир“, нагласи папата Фрањо.

Тој потсети и дека утре е литургиски споменден на свети Антониј од Падова, свештеник и црковен учител. Посака примерот на тој славен проповедник, покровител на сиромашните и страдалниците, кај сите да разбуди желба да чекорат по патот на верата и да го наследуваат неговиот живот, со што ќе станат веродостојни сведоци на Евангелието.

13 јуни 2024, 14:59