2024.08.30 Partecipanti alla Plenaria del Dicastero per l'Evangelizzazione

Папата: Повикани сме да живееме како христијани во денешното плурално општество

„Не живееме во христијанско општество, но повикани сме да живееме како христијани во денешното плурално општество. Како христијани и отворени. Ова го истакна папата Фрањо во својот говор пред учесниците на пленарното собрание на Дикастеријата за евангелизација, кое беше фокусирано на идните перспективи на Папскиот универзитет Урбанијана во Рим. За таа институција идентитетот и посланието се нераскинлива реалност, но од суштинско значење е да се знае како да се толкува времето во кое живееме.

Обраќајќи им се на учесниците на вонредната пленарна седница на Дикастеријата за евангелизација, папата Фрањо на 30 август 2024 година рече: „Не живееме во христијанско општество, туку сме повикани да живееме како христијани во денешното плурално општество“.

Учесниците на заседанието разговараа за идентитетот, посланието, очекувањата и иднината на Папскиот универзитет Урбанијана, а Светиот Отец се осврна и на прашањето за идентитетот и посланието. „Формација, поучување, истражување и виталноста на Универзитетот се дел од мандатот што го добивме за навестување на Радосната вест на сите луѓе и нивното спроведување никогаш не може да се смета за конечно: секогаш во движење. Тоа се отворени димензии кои мора постојано да се препуштаат на вдахновението на Светиот Дух кој ја води историјата и не повикува да ги толкуваме времињата во кои живееме“.

Темелните вредности на установата се секогаш валидни, но потребно е ова вековно наследство да се преточи во соодветни одговори на прашањата што денешната реалност ги поставува пред Црквата и светот, истакна Папата, додавајќи дека сме повикани да живееме како христијани во плурално општество и да се биде отворен.

Понатаму, папата Фрањо се осврна на очекувањата и иднината, давајќи конкретни напомени кои се однесуваат за образовната понуда на Универзитетот, но и за „рационализацијата на човечките и економските ресурси“. „Затоа ни треба визија која може да гледа подалеку од денес, која може да ги земе предвид црковната и социјалната состојба, виталноста на црковните структури и нивната одржливост, потребите на локалните цркви, свештеничките звања и посветениот живот, демографијата од различни региони“, нагласи Папата. Таквата реорганизација - додаде - бара креативност и усогласена посветеност со другите универзитети и понтификални академски институции во Рим. Неопходно е да се рационализираат ресурсите и да се знае како да се напуштат застарените практики и проекти, давајќи им приоритет на она што може уште повеќе да ја истакне мисионерската и интеркултурната специфичност на Урбанијана.

Папата Фрањо, исто така, изрази надеж дека Папскиот универзитет ќе доживее зајакнување на истражувачките центри за различни географски и културни региони и поблиски односи со семинариите и теолошките институти во локалните Цркви.

„Колку ни се потребни пастири, колку ни требаат посветени луѓе и лаици кои знаат да го воплотат мисионерскиот порив за евангелизација на културите, а со тоа и инкултурирање на евангелието! Тие две работи секогаш одат заедно: евангелизацијата на културата и инкултурирањето на евангелието“, рече Петровиот наследник.

Поздравувајќи ги присутните на крајот, Папата ги вети своите молитви и ги замоли присутните да се молат за него.

30 август 2024, 22:28