BURKINA-UNREST

Папата Фрањо: Нека има мир во Светата Земја и во Ерусалим

По молитвата Ангел Господов, во недела 1 септември 2024 година, Светиот Отец потсети дека вчера во Словачка за блажен е прогласен Јан Хаблик, семинарист на мисионерската конгрегација основана од свети Винко Паулски, а бил убиен во 1965 година од чехословачкиот режим, кој во тоа време ја прогонувал Црквата.

Папата, исто така, ја изрази својата тага поради неодамнешниот терористички напад во Буркина Фасо во кој беа убиени стотици луѓе, меѓу кои и жени и деца, а многумина беа ранети. Осудувајќи го тој страшен чин, изрази близина со луѓето и искрено сочувство до семејствата.

Светиот Отец ги спомена и жртвите од несреќата што се случи во храмот на Пресвета Богородица од Консенсау, во бразилскиот град Ресифе, а во оваа прилика ја изрази својата близина и со измачениот украински народ кој неодамна беше сериозно погоден од нападитврз енергетската инфраструктура. Папата рече дека Бог секогаш го слуша гласот на невините и не останува рамнодушен на нивните страдања.

Своите мисли со загриженост ги упати и за конфликтот во Палестина и Израел, кој се заканува да се прошири и во другите палестински градови, предупреди Папата и апелира преговорите да не се прекинуваат, огнот веднаш да престане и заложниците да биде ослободени и да му се помогне на населението во Газа, меѓу кое се шират многу болести. Вклучувајќи ја и детската парализа.

Нека биде мир во Светата Земја и мир во Ерусалим, светиот град, нека биде место каде што христијаните, Евреите и муслиманите ќе се чувствуваат почитувани и добредојдени и каде што никој не ја доведува во прашање „статус кво“ ситуацијата на нивните свети места.

При крајот рече дека денеска го славиме Светскиот ден на молитвата за грижа за созданието. Грижа од сите – од институциите, семејствата и секој поединец – е конкретна обврска кон нашиот заеднички дом. Плачот на ранетата Земја станува се поалармантен и повикува на решителна акција. А тоа не може да се одложува, нагласи Папата и го најави утрешното патување во повеќе азиски земји, со повик до присутните на плоштадот Свети Петар - а ги имаше околу 12 илјади - да се молат за да биде плодоносно патувањето.

01 септември 2024, 22:04

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >