2024.10.26 Sinodo dei Vescovi - XVII Congregazione Generale

Папата: Синодалниот документ е дел од научителството на Папата

На 25 ноември 2024 година беше објавена белешка на папата Фрањо за завршниот документ за последната Синода. Во него Папата нагласува дека тоа е дел од редовната научителска власт на Наследникот на Свети Петар и треба да биде прифатена од целата Црква.

Завршниот документ за XVI Редовното генерално собрание на Епископската синода, одобрен на 26 октомври 2024 година, е резултат на долг процес на слушување и расудување што започна во октомври 2021 година. Ова патување помина низ локални Цркви, национални и континентални етапи, завршувајќи со две седници на Епископската синода.

Светиот Дух нè води во целата вистина

„Во различни периоди од патувањето на Синодата слушавме што ѝ зборува Светиот Дух на Црквата“, истакнува Папата на почетокот на својата белешка, потенцирајќи дека целата Црква е повикана да го согледа своето искуство и да ги одреди чекорите, кои треба да ги преземе.

Светиот Отец објаснува дека Завршниот документ претставува форма на автентично учење на Римскиот епископ, кое има некои карактеристики на новост. „Синодалноста е соодветна интерпретативна рамка за разбирање на хиерархиското служење“, потсетува папата Фрањо на неговите зборови од 17 октомври 2015 година.

Локалните Цркви мора да делуваат

Папата Фрњо нагласува дека недостатокот на строго нормативна природа на документот не значи дека тој е необврзувачки. Напротив, локалните Цркви и групи во Црквата веќе се повикани да ги спроведат авторитативните упатства содржани во документот.

Светиот Отец додава дека е потребно време за да се дојде до одлука кој ја засега целата Црква, а тоа особено важи за темите кои им се доверени на десетте студиски групи, на кои може да се додадат други, со оглед на потребните одлуки.

Папата ги охрабрува локалните Цркви да бидат креативни во примената на упатствата од документот. Ова може да вклучи експериментално воведување на нови форми на служба и мисионерска активност, кои треба да се евалуираат. Важно е сите овие дејствија да се спроведат преку процеси на препознавање и донесување одлуки кои се во согласност и со каноните и со самиот документ.

Потребна е проценка и одговорност

Во многу случаи станува збор за вистинско олицетворение на она што е веќе предвидено со важечките канони, како латинските, така и источните. Во други ситуации, ќе биде можно, преку синодално препознавање, креативно да се започнат нови облици на служба и мисионерска активност.

Секој епископ ќе треба да информира во извештаите за посетата ad limina какви одлуки се донесени во локалната Црква што му е доверена во однос на упатствата од Завршниот документ, на какви потешкотии наишле и кои биле плодовите од овие активности.

Синодалното патување продолжува

Генералниот секретаријат на Синодата, во соработка со Дикаетриите на Римската курија, е задолжен да ја придружува „фазата на воплотение“ на синодалното патување.

„Светиот Дух, дарот на Воскреснатиот, нека ја поддржи и води целата Црква на овој пат. Тој, кој е хармонија, непрестајно нека ја подмладува Црквата со силата на Евангелието, нека ја обновува и води кон совршено единство со Избраниот“, заклучи папата Фрањо.

 

29 ноември 2024, 10:53