2024.12.14 Associazione Italiana contro le Leucemie Linfomi e Mieloma (AIL)

Папата: Болните често се отфрлени во име на ефикасноста

На 14 декември 2024 години Светиот Отец ги прими претставниците на италијанското здружение за борба против леукемија, лимфом и миелом, по повод 55-годишнината на Здружението.

„Ви благодарам за вашата посета и, пред сè, ви благодарам за она што го правите. Покрај финансирањето на истражувањата за лекување на леукемија, лимфом и миелом и развојот на специјализирани центри во областа, илјадници ваши волонтери нудат гостопримство, домашна нега и близина со бројни пациенти и членови на нивните семејства. „Близината е една од Божјите особини: тој е близок, сочувствителен и нежен. И вие правете го истото: бидете блиску до нив со многу сочувство и нежност“,  ги повика папата Фрањо.

Потоа спомна три збора кои би можеле да го поттикнат нивното ангажирање и послание. Првото „осветли“ е преземено од мотото на средбата „Заедно да ја осветлиме иднината“. Како што рече„болеста често предизвикува темнина, болка и вознемиреност кај поединците и нивните семејства, предизвикувајќи осаменост и изолација. Напротив, итно е неопходно болниот да се врати во центарот, со неговата историја и семејство, пријателски и терапевтски односи во кои ќе се пронајде смислата на болката. Но ни треба и некој кој ќе донесе малку светлина, пријателство, близина и слушање“, нагласи Светиот Отец и го спомна вториот збор: „дарување“

„Луѓето кои внесуваат малку светлина во животот на луѓето се „дарители“. Логиката на давање е главниот противотров на културата на отфрлање. Секогаш кога ќе дарувате нешто, културата на отфрлање слабее и консумеризмот, кој навидум би сакал да владее и со нашите животи, е поразен со оваа крепосна логика“,  истакна папата Фрањо.

„Третиот збор е „плоштад“. Вашето здружение е присутно на улиците и плоштадите, делувајќи капиларно. Не смееме да останеме затворени само во своите интереси, туку сме повикани да бидеме опипливи и видливо присутни, но никогаш наметливо: присутни, но ненамтеливо. Тоа е дар кој можете да го дадете на целото општество. Видливи сте, но не за себе, туку за луѓето на кои тоа им е потребно. На овој начин, ги поддржувате научните истражувања, зголемувајќи го знаењето што е дел од најдобрата италијанска здравствена традиција и обезбедувате внимание на луѓето кои треба да се чувствуваат придружени во терапијата.

Вие сте дел од градењето две надежи: надеж за грижа и надеж за терапија со помош на најсовремени методи“, истакна папата Фрањо и ги спомна зборовите на свети Иван од Крстот: „Во приквечерието на животот ќе бидеме прашани за љубовта“ „Ви благодарам за љубовта и надежта кои ги давате! Одете напред со посветеност и стручност. Од се срце ве благословувам и сите кои ја сочинуваат мрежата на вашето здружение“, заклучи Светиот Отец.

 

16 декември 2024, 10:54