Светиот Престол во ОН: Поддржете го развојот на малите островски држави
Поддршката на одржливиот развој на земјите во посебни ситуации, меѓу кои се и „Малите островски држави во развој (SIDS)“ е одговорност на меѓународната заедница - истакна надбискупот Габриеле Кача, постојан претставник на Светиот Престол во Обединетите нации, во излагањето за време на „Политичкиот форум на високо ниво за одржлив развој“, кој се одржа на 10 јули во Њујорк.
Одговорни за кревкоста на другите
Овие земји страдаат од високи долгови, бавни изгледи за раст, постојана прехрамбена несигурност и неухранетост и екстремна ранливост на климатските промени и природните катастрофи. Бидејќи сите сме одговорни за кревкоста на другите додека се стремиме да изградиме заедничка иднина - потсети надбискупот, цитирајќи го папата Фрањо - императив е специфичните развојни потреби и приоритети на земјите во посебни ситуации да се решат на соодветен начин.
Обезбедете фискален простор за инвестирање во здравството, образованието и социјалната заштита
Поддршка за нивниот поотпорен напредок може да дојде преку доделување на фискален простор потребен за инвестирање во програми за трансформација кои се соодветни на потребите на нивното население. Имено, зголемениот должнички товар што го носат многу мали островски држави во развој станува сè понеодржлив, заробувајќи ги во круг на зависност што ги спречува да се соочат со најитните прашања, како што се искоренувањето на сиромаштијата и климатските промени. Затоа е важно да им се даде фискален простор за инвестиции во здравството, образованието и системите за социјална заштита - посочи постојаниот претставник на Светиот Престол, надбискупот Кача и ги охрабри побогатите земји да размислат за намалување на долгот, па дури и за негово бришење.