ROMANIA-UKRAINE-RUSSIA-CONFLICT-DEMO

Средба во Римини: Гестовите на добрина во контекст на војната стануваат херојски гестови

Апостолскиот нунциј во Украина Висвалдас Кулбокас учествуваше на тркалезната маса насловена „Ако сакаш мир, подготви мир“, што се одржа во рамки на Средбата за пријателство меѓу народите, која се одржува од 20 до 25 август во Римини, Италија.

Нунцијот потсети на почетокот на руската инвазија на Украина и истакна бројни дела на солидарност кои поттикнуваат да гледаме во иднината со доверба. „Гестовите на добрина во контекст на војната стануваат херојски гестови, плод на фантазијата на милосрдието“, рече тој. Го спомна примерот за великодшност на една Украинка која благодарение на многубројните познаници собра 60 милиони долари. Еден човек му раскажал на нунцијот како помогнал на 280 луѓе да побегнат.

Нунцијот потсети и на 800-те евакуирани од Мариупол, благодарение на решителноста на протестантската парохија. „Тоа е причината – истакна монс. Кулбокас - зошто ја полагам мојата надеж во граѓанско општество кое ги зема предизвиците при срце и има најголема можност за делување“.

Токму граѓанското општество најпрво ја забележува опасноста од одредени ситуации, смета нунцијот. „Имаше знаци дека нешто не е во ред. И јас го потценив напредокот на одредени процеси. Животот нè учи дека во услови на огромни предизвици, трудот мора да биде огромен. Мојот впечаток овде е дека институциите од секаков вид имаат вродена тешкотија во предвидувањето. Луѓето, а не институциите, се способни да согледаат вонредни ситуации. Но, точно е дека војните не следат никакви правила и затоа институциите се неподготвени“.

На тркалезната маса зборуваше и Олександра Матвичук, украинска адвокатка и шеф на организација за граѓански права која ја доби Нобеловата награда за мир во 2022 година. Матвијчук даде сведоштва за насилството што се случи во земјата. Таа ја повика заедницата на храброст и дела на солидарност. Беа презентирани и сведоштвата на двајца лидери на украинската невладина организација „Емаус“, вклучени во евакуација на лицата со посебни потреби.

Потсетуваме дека по повод средбата во Римини, папата Фрањо упати порака до учесниците. Осврнувајќи се на темата на средбата „Ако не го бараме суштинското, тогаш што бараме?“, тој нагласи дека „стремежот за суштинското ни помага да ја преземеме контролата врз нашиот живот и да го направиме орудие на љубовта, милосрдието и сочувството, станувајќи знак за благослов на другите“. Ја истакна важноста од потрагата по „мистеријата на животот“ и поттикна да се бара „со ревност и ентузијазам“, од каде што произлегува убавината на животот, дури и додека дуваат „ледените ветришта на војната“. Светиот Отец исто така нагласи дека она за што „вреди да се живее и да се надева“ е средбата со Бога.

Ватикан њуз/к.мк

23 август 2024, 10:00