Пребарување

Папата Фрањо со бискупот Стојанов Папата Фрањо со бискупот Стојанов 

Бискупот Стојанов: Eнцикликата нуди нов поглед за решавање на проблемите

По повод енцикликата на папата Фрањо „Сите сме браќа“ разговаравме со Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх за содржината, новоста и заклучоците од оваа енциклика.

Ваше Преосвештенство, во сабота папата Фрањо во базиликата свети Фрaњо во Асизи ја потпиша неговата трета енциклика, насловена „Сите сме браќа“ (Fratelli tutti). Што таа содржи?

Енцикликата која папата Фрањо ја потпиша на 3 октомври 2020 година во базиликата Свети Фрањо во Асизи, а Ватиканскиот дневен весник Л’Осреваторе Романо ја објави на 4 октомври е социјална енциклика, која зборува за човечкото братство, без разлика на националната, расната, верската или идеолошка припадност. Папата е вдахновен од свети Фрањо Асишки и содржи извадоци од многу негови говори, писма и документи за братството и општественото пријателство меѓу луѓето. Составена е од вовед и осум поглавја, а во неа пишува за теми како што се абортусот, евтаназијата, фрлањето на храна, потоа односот кон мигрантите, миграцијата, расизмот, трговијата и политиката, социјалните мрежи, а во документот допира и прашања за феноменот “праведна војна“ и смртна казна. Во секој случај оваа енциклика нуди нов поглед за решавање на проблемите на човештвото.

Што е новоста на оваа енциклика?

Со објавувањето на оваа енциклика, како и многу пати досега папата Фрањо, покажа дека знае да ги чита знаците на времето. Се појавува во време кога светот поминува низ еден од најтешките периоди, па преку оваа енциклика најпрво ги детектира, како што ќе каже на Генералната аудиенција во среда 30 септември, општествено социјалните вируси, кои воедно се клучните проблеми за заедништво меѓу луѓето и нуди решенија како да се надминат. На Велики Петок оваа година на празниот плоштад Свети Петар јасно истакна дека сите сме во ист кораб, а во последната серија катехези јасно истакнува дека пандемијата на површина ги изнесе многуте болести со кои е зафатено нашето општество. Така како човештво и како општество сме исправени пред многу предизвици, како што е еколошката криза, неправедните општествени односи, нееднаквоста во општеството во образовно, здравствено, технолошко ниво и многу други. Оваа енциклика се обидува да ја опфати целокупната реалност на човештвото, да ги открие недостатоците и да понуди решенија, иако тоа ниту е лесно, ниту пак оваа енциклика ќе ги даде одговорите на сите предизвици. Но е повик на целата таа реалност да започнеме да гледаме на поинаков начин на меѓучовечките односи, на човекот како Божјо создание и на сѐ што е создадено од Бога.

Во енцикликата Папата истакнува дека решавањето на сите тие предизвици со кои се соочува човештвото бара заеднички пристап на сите, и тоа како браќа да ги решаваме, затоа што сите сме во ист кораб. Можеме да препознаеме дека клучна точка во енцикликата е неопходноста од „дијалог и средба“.

Што би бил заклучокот од оваа енциклика?

За решавање на кризите и предизвиците со кои се соочува човештвото, поаѓајќи од еколошките, социјалните, технолошките и други можно е да се излезе само заеднички, да се подаде рака еден на друг и да се соработува. При решавањето на предизвиците некои модели се веќе истрошени и потребни се нови, но тие модели треба да бидат изградени врз вистински вредности, а не врз основа на личниот интерес или сила. Во една од своите серија катехези во среда поврзани за пандемијата папата Фрањо јасно порача дека од оваа криза не можеме да излеземе исти, непроменети. Можеме да излеземе или подобри или полоши. Но ние треба да направиме сѐ што е во наша можност да излеземе како општество и човештво подобри. Да научиме од неа. Донесувањето на вистински одлуки и нивно спроведување е токму она што сака да го понуди новата енциклика на папата Фрањо „Сите сме браќа“.

Ваше Преосвештенство, ви благодариме.

За Ватикан њуз разговорот го водеше о. Гоце Костов

06 октомври 2020, 08:40