Пребарување

2024.01.26 Prayer in Paljurtsi in honor of Saint Paul the Apostle - Nord Mazedonien

Епископот Стојанов во Паљурци: Да бидеме едно

Традиционално на празникот Преобраќање на свети апостол Павле Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов во Паљурци ја предводеше молитвата во чест на апостолот на народите

о. Гоце Костов

Во четврток 25 јануари 2024 година во Паљурци, на празникот Преобраќање на свети апостол Павле, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов ја предводеше молитвата во чест на свети Павле, а со него сослужуваа протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, ректор на светилиштето во Паљурци и протојереј ставрофор отец Тома Ангелов, парох во Богданци, како и други свештеници од Струмичко – скопската епархија и Скопска бискупија.

Во својата проповед пред присутните верници епископот Стојанов се осврна на овогодинешната тема за Молитвената осмина за единство на христијаните „Љуби Го Господа, својот Бог… и ближниот свој како себеси“, фокусирајќи се на параболата за Добриот Самарјанин при што истакна дека како христијани сме повикани да го следиме Христа покажувајќи љубов како Добриот Самарјанин и исполнувајќи ги сиромашните со милост и сочувство, без разлика на нивната верска, етничка или општествена припадност, додавајќи дека треба да научиме да се сакаме еден со друг и покрај нашите разлики.

Осврнувајќи се на Евангелието според Иван (17,21) во кое Исус се моли негови ученици да бидат едно епископот Стојанов истакна дека токму затоа ние христијаните не смееме да ја изгубиме надежта или да престанеме да се молиме и да работиме за единство, повикувајќи на поголемо меѓусебно запознавање и доверба и дека ривалство меѓу црквите е против Исусовата молитва, додавајќи дека и ние како свештениците и левитите од евангелскиот пасус поради страв честопати пропуштаме можност да воспостаиме односи со своите браќа и сестри.

Проповедта епископот Стојанов ја заврши упатувајќи повик за единство меѓу христијание од местото кое го носи името на големиот апостол на народите, свети Павле, и наш прв евангелизатор молејќи го Господ Бог да ни дојде на помош, да ги залечи раните и да ни овозможи да чекориме во духот на екуменизмот со доверба и надеж.

На крајот ректорот на светилиштето во Паљурци о. д-р Зоран И. Стојанов упати благодарност до епископот Стојанов за неговата присутност, молитвено заедништво и упатеното Слово, воедно благодарејќи и на сите присутни.

На молитвениот настан, покрај верниците од повеќе парохии, учество зедоа и сестрите Евхaристинки, предводени од провинцијалната сестра Бернардина Атанасова, претставници на Македонски Каритас, Радио Марија и порталот Католици.мк.

По завршување на молитвата следуваше агапе и заедништво. Молитвениот настан е во организација на ректорот на светилиштето во Паљурци о. д-р Зоран И. Стојанов и парохот од Богданци, о. Тома Ангелов.

26 јануари 2024, 08:46