Пребарување

2024.02.12 The World Day of the Sick was celebrated in Strumica

Епископот Стојанов служеше архиерејска Литургија во Струмица по повод Светскиот ден на болните

Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов служеше света архиерејска Литургија во Катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица по повод Светскиот ден на болни

Отец Гоце Костов

Во недела 11 февруари 2024 година, кога Црквата во Македонија го прославува Светскиот ден на болните, а во чест на Пресвета Богородица Лурдска, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов служеше света архиерејска Литургија во Катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица, во сослужение на катедралниот парох протојереј ставрофор отец Спасо Ристов, протојереј ставрофор отец Тома Ангелов, протојереј ставрофор отец Горги Трајков, протојереј отец Гоце Костов, струмичкиот капелан отец Трајче Ташев, отец Ристо Самарџиски, отец Ванчо Назов и отец Атанас Сирачев.

Во проповедта за време на светата архиерејска Литургија епископот Стојанов зборуваше за настанот кој се случил во 1858 година во Лурд, Франција, каде Пресвета Богородица се јави на девојче по име Бернардета, за да ги предупреди луѓето преку неа за опасноста на која се изложуваат и да ги повика на преобраќање и обнова, да ја разбуди и оживее верата во Бога и вечниот живот. Потоа тој рече дека Бернардета морала многу да трпи и поднесува поради благодатта на објавата. Таа се соочувала со сомнежи, клевети и непријателство. Понатаму истакна дека Бернардета умира на 35 години, но и дека во тоа време веќе, нејзиното родно село Лурд станало познато низ целиот свет и групи поклоници од целиот свет доаѓале во него барајќи утеха, здравје и милости за преобраќање.

Осврнувајќи се на Меѓународниот ден на болните, кој се слави токму на спомен денот на Пресвета Богородица од Лурд, епископот Стојанов повика денес посебно вниманието да го насочиме кон сите болни истакнувајќи дека сите сме повикани во евангелскиот дух да бидеме блиску до болните, и како поединци и како заедница, и порача да не ги заборавиме оние кои се осамени во својата болест, да ги придружуваме во нашите молитви и ако сме во можност да ги посетиме и да им покажеме љубов.

Епископот Стојанов рече дека денес се молиме за сите оние кои својот приватен и професионален живот го посветиле на грижата за болните, за медицинскиот персонал, но и за многу други поединци и групи кои покажуваат сочувство, љубов и близина за болните и се обидуваат да им ги олеснат маките, при што ја истакна и важната и вредна работа на Македонски Каритас, кој на најразлични начини се грижи за потребите на болните, сведочејќи за љубовта и грижата на Црквата кон нив.

Во продолжение на проповедта епископот Стојанов додаде: Сепак, најмногу се сеќаваме на самите болни, молејќи се за нив, Бог, со посредство на Пресвета Богородица, да им дарува благодат да го носат својот крст со вера и секојдневно да се поистоветуваат со Христос страдалникот, и од Неговото лице секојднево да црпат сила за живот и надеж за небото.

Пред завршниот благослов следуваше процесија со статуата на Пресвета Богородица околу катедралата и молитва за болните.

За време на светата Литургија пееше Катедралниот хор, а Радио Марија вршеше диркетен пренос. Свеченоста заврши со агапе и заедништво во дворот на катедралата.

13 февруари 2024, 12:22