Разговор со архиепископот Шевчук две години по почетокот на руската агресија врз Украина
Во овие две години од инвазијата, од 24 февруари 2022 година, Црквата во Украина разви пасторална служба која архиепископот ја нарекува „пасторална служба на тага“. Придружува луѓе кои плачат, кои страдаат, кои жалат за загубата на членовите на семејството, нивниот дом, нивниот свет „Тоа е предизвик, бидејќи е многу лесно да се биде пастир на среќни луѓе“, рече монс. Шевчук. Западната култура можеби има потреба од пасторална грижа во светот на потрошувачката, каде што Папата вели дека е неопходно да се предупредат луѓето за расипничката култура. „Но, во контекст на војната, се соочуваме со сосема поинаков предизвик: секој ден ја живееме трагедијата на уништување на нашата земја, нашите градови, секој ден ја гледаме смртта со свои очи и за жал сè уште немаме јасна перспектива кога сето ова ќе заврши“.
Таквото пасторално делување понекогаш најмногу се покажува со личното присуство, повеќе од спроведување на некои активности - „да се биде покрај оние што плачат, обидувајќи се да се пренесе утехата дека Господ е со нас. Да се најдат соодветни зборови за мајка која тагува за смртта на својот син, да се најдат зборови за млад човек кој ги изгубил нозете и не знае како да продолжи да живее или за дете кое со свои очи ја видело смртта на мајка си“, објасни архиепископот. Ваквата пасторална грижа е предизвик, но е и пасторална грижа на надежта, бидејќи како што рече монс. Шевчук: „Гледаме дека христијанската вера не повикува да ја носиме надежта за воскресението среде човечката тага“.
На прашањето како свештениците и луѓето со посветен живот наоѓаат сила во овие околности, архиепископот призна дека тоа е мистерија, но нагласи дека светотаинскиот живот е пресуден. Осврнувајќи се на фразата на христијаните од првите векови, архиепископот Шевчук потврди дека може да посведочи дека без славење на Евхаристијата „не можеме ниту да живееме, ниту да работиме“. Коментирајќи ја состојбата на духот на украинскиот народ, тој рече: „Морам да кажам дека сме повредени, но не и очајни“.
На крајот, големиот архиепископ киевско-халички Шевчук се осврна на Синодата на источните католичите епископи во Украина. Тие се сретнаа на почетокот на февруари, а за главна тема го имаа прашањето за пасторална грижа на семејствата. Пасторалниот план може да се сумира во перспектива на заздравување на раните на луѓето. Зборувајќи за децата во земјата погодена од војна, тој рече: „Овој феномен на воени деца во Украина е уште една хуманитарна катастрофа со која ние како Црква денес мора да се соочиме, мора да им дадеме глас на овие замолчени деца, да им помогнеме на родителите да ги најдат своите деца и исто така да се придружуваат.
Архиепископот Шевчук разговорот го заврши со повик за прекин на војната и за солидарност на светската заедница: „Би сакал нашите браќа и сестри во Европа и целиот свет денес да сфатат дека војната во Украина не е „украинска војна“, односно, тоа не е само појава што може да се задржи во границите на нашата напатена земја: таа е реалност што го освојува светот, таа е како вулкан што еруптира на украинска територија, но неговиот чад и лава одат подалеку. Оваа војна порано или подоцна ќе ги погоди сите, не само војникот на фронтот и неговото семејство, туку и сите кои живеат блиску или далеку од границите на Украина, европското општество, па дури и светското општество“.