Прославен празникот Цветници во Скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“
На почетокот претходеше благослов на маслиновите гранчиња и процесија околу катедралата, симбол на триумфалното Исусово влегување во Ерусалим.
Бискупот Стојанов во својата проповед меѓу другото рече: Потребата човек некого да слави, некому да се восхитува, да го воздигнува и носи на рамена, често е плод на проекциите на сопствените желби и потреби, но и одраз на немоќта сам да ги оствари. Затоа потребни му се тие што ќе го набљудуваат како идоли со кои тој ќе се радува. Човечката слава, исто така, брзо се истрошува, или се повлекува во себе, како онаа молчеливо мноштво кое понекогаш си дава здив, маршира во толпата, но кога ќе почувствува опасност или заплашување, едноставно исчезнува. Нивните поборници лесно ги спуштат рамињата и се повлекуваат како тоа да не се однесува на нив. Такво едно сценарио се случило помеѓу Цветници и Велики Петок, помеѓу триумфалниот влез во Ерусалим и старданијата и смртта на крстот. Човечката слава овде ги покажува своите граници, немоќ и беда што го обзема човекот - истакна бискуп Стојанов.
Исус, знаејќи го карактерот на толпата која не е целосно обликувана, знае дека никој не може да формира карактер кој живее на слава и земајќи ги во предвид само потребите што во него будат желба за „славен“ живот. И додека неговите сограѓани го славеле, тој се труди да им покаже дека не дошол да го слават, туку дека дошол да ги воведе во славата. Слава која треба да ја наследат не е плод на човечкото искажување кон славата на Бога, туку од плодот на Божјото бесплатно дејствување. Слава што човек може да ја искаже на Бог, во суштина би требала да биде само благодарност заради славните дела Божји, а не убедување дека со ласкање на Бога се наклонети на делување. Исус не влегува во Ерусалим на славен начин заради човечката слава, туку луѓето да ги предупреди да ја прифатат Божјата слава, заклучи бискуп Стојанов.
За време на Неделата на Страданијата Господови пееше Катедралниот хор предводен од маестро Јулија Неловска, додека на оргули свиреше Филип Костов.