Пребарување

VITA, donna incinta

COMECE: Абортусот никогаш не може да биде основно право

Советот на бискупските конференции на Европската унија објави соопштение по повод гласањето во Европскиот парламент, во Брисел на 11 април 2024 година, за вклучување на правото на абортус во Повелбата за основните права на Европската унија. Самата повелба, се наведува во документот, „не може да вклучува права кои не се признати од сите и кои предизвикуваат поделби“.

По објавувањето на Dignitas infinita, документ на Дикастеријата за наука на верата, во кој абортусот е наведен како сериозна практика меѓу повредите на човековото достоинство, бискупите од цела Европа го повторуваат своето „не“ за прекинот на бременоста, што „никогаш не може да биде основно право“ и кое оди во спротивна насока од вистинската промоција на жената и нивните права. Ова се истакнува во соопштението за печат на Советот на бискупски конференции на Европската унија (COMECE), тело кое ги обединува бискупските конференции на Европската унија, насловено „Да“ за промоција на жените и правото на живот, „не“ на абортусот и идеолошкото наметнување“, кое беше објавено пред гласањето на пленарната седница за вклучување на правото на абортус во Повелбата за основните права на Европската унија, кое е на дневен ред на 11 април.

Резолуцијата беше претставена во јули 2022 година

По вклучувањето на правото на абортус во францускиот Устав, на европско ниво повторно беше отворена расправата за воведување на прекин на бременоста меѓу основните права на Европската унија. Резолуцијата веќе беше претставена на 7 јули 2022 година и предизвика противење кај некои земји-членки, а сега претставниците на Европскиот парламент решија повторно да го истуркаат предлогот и повторно да го стават на гласање.

Да се биде мајка не е ограничување

Во поглед на гласањето, челниците на Советот на бискупски конференции на Европската унија им се обраќаат на пратениците на Европскиот парламент и на европските граѓани и пред се повторно нагласуваат дека промоцијата на жените и нивните права не е поврзана со промоцијата на абортусот. Работиме за Европа во која жените ќе можат слободно да го живеат мајчинството и како дар за себе и за општеството, општество во кое да се биде мајка никако нема да биде ограничување за нивниот личен, социјален и професионален живот – забележуваат бискупите.

Правото на живот

Абортусот никогаш не може да биде основно право - се наведува во соопштението за медиумите. Правото на живот е основен столб на сите други човекови права, а особено правото на живот на најранливите, слабите и беспомошните луѓе, како што се нероденото дете во мајчината утроба, мигрантите, старите лица, лицата со посебни потреби и болните. Притоа, бискупите ја наведуваат мислата на Црквата, која секогаш доследно учи дека заштитата на неродениот живот е тесно поврзана со заштитата на секое друго човеково право. Ова го вклучува верувањето дека човечкото суштество е секогаш свето и неповредливо, во секоја ситуација и во секоја фаза од развојот.

„Не“ на идеолошките наметнувања за човечката личност

На крајот од документот е цитирана декларацијата за човечкото достоинство на Dignitas infinita: „Човечкото суштество е цел само по себе и никогаш средство за решавање на други проблеми. Доколку исчезне тоа верување, исчезнуваат и цврстите и трајни основи за заштита на човековите права, кои секогаш би биле жртва на минливите каприци на моќниците“. Затоа, бискупските конференции на Европската унија бараат од Европската унија да ги почитува различните култури и традиции на земјите членки и нивните национални надлежности; Имено, не може на другите да се наметнуваат идеолошки ставови за човечката личност, за сексуалноста и полот, за бракот и семејството итн., во и надвор од границите - се нагласува во соопштението.

Почитување на различностите на културите и традициите

Повелбата за основните права на Европската унија не може да вклучува права кои не се признати од сите и кои предизвикуваат поделби – стои понатаму во соопштението. Не постои признато право на абортус во европското или меѓународното право, а начинот на кој се третира оваа тема во уставите и законите на земјите членки значително се разликува. Освен тоа, самата Повелба во преамбулата повикува на почитување на различноста на културите и традициите на народите во Европа, како и на уставните традиции и меѓународните обврски заеднички за земјите-членки.

Соопштението е потпишано од Постојаниот комитет на Советот на бискупските конференции на Европската унија: претседателот Маријано Крочијата, бискуп од Латина (Италија); Првиот потпретседател Антоан Еруар, надбискуп од Дижон (Франција); и потпретседателите Нуно Брас да Силва Мартинс, бискуп од Фуншал (Португалија), Чеслав Козон, бискуп од Копенхаген (Скандинавија), Римантас Норвила, бискуп на Вилкавишкис (Литванија).

12 април 2024, 08:49