Пребарување

2024.07.21 Card. Parolin messa Santuario di Berdychiv Berdyczów

Кардинал Паролин: Украина е во мрачниот час на Голгота

Државниот секретар кардиналот Паролин, Папски пратеник во Украинаа, која е во војна, ја предводеше светата Литургија на 21 јули 2024 година во маријанското светилиште Бердичив. Тој ги повика верниците да не ја губат верата дури и ако изгледа дека злото има предност.

Државниот секретар на Папата, кардиналот Пиетро Паролин, на 21 јули 2024 година, направи крикот за мир на папата Фрањо и украинскиот народ да одекне од светилиштето на Пресвета Богородица од Кармил, во Бердичив, еден од духовните центри на католичката заедница во таа земја, за верниците од латинскиот обред, кои го завршуваат своето ходочестие. Од тоа светилиште, преку застапништво на Марија, се крена повик за долгоочекуваниот дар на мирот за оние кои се измачувани од војната што трае скоро две и пол години. За Бога ништо не е невозможно – рече претставникот на Ватикан, уверувајќи го народот дека Папата е близок со нив и дека ја споделува болката на Украинците кои ги прегрнува со татковска прегратка.

Ништо не е невозможно за Бога

Во проповедта која скоро целосно ја изговори на локалниот јазик монсињор Едвард Кава, помошниот епископ на Лавов за верниците на латинскиот обред - освен поздравниот говор и завршната молитва до Пресвета Богородица од Кармил - кои ги упати кардиналот Паролин – го спомна првото чудо што ја одбележало историјата на тоа светилиште.

Тоа беше во 1627 година, кога Јануш Тишкевич, гувернер на Киев и Житомир, беше заробен во битка против Татарите. Окован, вети дека ќе направи некое добро дело во чест на Бога и Пресвета Богородица доколку биде ослободен. Додека спиел, му се објавиле непознати монаси и се помолиле на Бога и Пресвета Богородица за негово ослободување. Затоа, откако бил ослободен, решил да изгради манастир во Бердичив за монасите што ги видел на сон и кои ги препознал три години подоцна кај Кармелитите во Лублин. Црквата била осветена во 1642 година: на главниот олтар е поставена икона Пресвета Богородица Снежна, копија на таа која се чува во базиликата Света Марија Велика, во Рим, позната како  Salus Populi Romani (Спас на римскиот народ). Репродукцијата ја подарил самиот Тишкевич, кој претходно ја чувал кај своето семејство, а во 1647 година, тогашниот бискуп на Киев, кој бил исцелен откако се молел пред неа и ја прогласил за чудотворна.

Коментирајќи ги литургиските читања, од Третата книга Царства, епизодата позната како жртва на пророкот Илија на планината Кармил, кардиналот Паролин ја охрабри Црквата во Украина да биде пророчка. Треба да се поттикнува на постојана молитва – истакна Папскиот пратеник - Бог да ги преобрати срцата на оние кои, застранувајќи од неговите патишта и станувајќи робови на сопствената горделивост, сеат насилство и смрт, газејќи го во другите достоинството на Божјите деца. Бес и гнев, војни и убиства, пишува античкиот писател Марко Аскет, го заслепуваат човечкиот ум. Мораме вистински да му се молиме на Господа, Оној Кој е небесен лекар, да нè излечи од овие смртоносни болести и да го замени срцето од камен со срце од месо! – истакна кардиналот.

Кога ќе нема сила за молитва, имај доверба во Бога

Никогаш не губете ја довербата и надежта во Бога, особено денес, кога изгледа дека злото го има главниот збор, кога ужасите на војната и болката на бројните жртви и огромното уништување ја ставаат вербата во Божјата добрина во криза, кога сме обесхрабрени и нема веќе сила ниту за молитва – истакна кардиналот во својата проповед, поттикнувајќи ги верниците да погледнат во распнатиот Христос: на тој Велики Петок, кога изгледаше дека гревот победи и Божјата спасително послание пропаднало, тогаш се раздени светлата зора на Воскресението. Смртта го нема последниот збор, иако е тешко да се види хоризонтот на воскресението - истакна државниот секретар.

Пресвета Богородица нека се застапува: за мирна иднина на Украина

Кардиналот Паролин последниот дел од својата проповед ѝ го посвети на Пресвета Богородица, Богородица која стои покрај нас во тешкотиите од нашите лични крстови и - како што рече, нежно нè придружува кон славното Христово воскресение. Потоа поттикна на размислување пред иконата на Богородица од Бердичив, претставена како „Odighítria“, односно Таа што води. Таа е симбол на нежност и љубов, ја навестува зората, Исус, кој е Светлината. Таа е утеха во жалост, подготвена да понуди безбедно засолниште. На нејзиниот Божествен Син му ги упатуваме нашите молитви за настраданиот украински народ - беше молитвата на кардиналот Паролин, кој повторно зеде збор и заврши со овој апел:

О, Пресвета Богородице, дај децата и младите да имаат мирна и сигурна иднина, семејствата да бидат жаришта на љубовта, постарите и болните да добијат утеха и олеснување во нивните маки, оние кои ја бранат својата татковина да бидат заштитени од нападите на зло, воените затвореници нека се вратат во прегратките на своите најблиски и жртвите бидат примени во Царството Небесно“.

На крајот, преземајќи една од најважните и најпознатите секвенци посветени на Пресвета Богородица од планината Кармил: „Флос Кармели“ (Кармелов цвет), кој традиционално му се припишува на англискиот пустиник Свети Симон Сток, кардиналот се молеше:

„Цвет на Кармил, расцутена лоза, раскош на небото, ти си единствената Девица Мајко. Силен оклоп на воини, војна беснее: стави го скапуларот за одбрана. О клуч и врата на Рајот, дозволи ни да дојдеме таму каде што си овенчана со слава!“ Амин.

На крајот од евхаристиското славење, државниот секретар ја принесе бројаницата на Папата како обврска сите да продолжиме да се молиме за Богородица да дојде во пресрет на нашите потреби.

23 јули 2024, 17:04