Скопје: Божиќна духовна обнова
По предавањето следуваше Обожавање на Светата Причест со можност за света Исповед.
Светата Литургија ја предводеше бискупот Стојанов во сослужение на патер Винко Маслаќ – катедрален парох, протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов – директор на Македонски Каритас, протојереј ставрофор отец Марјан Ристов – душогрижник и дон Томаш Бак – парох во Куманово.
Во својата проповед бискупот Стојанов се задржа на литургиските читања и меѓу другото истакна дека Марија во себе го носи Логосот, Словото Божјо, претставувајќи ја како пример за секој верник кој го прифаќа и го прегрнува Исус Христос во своето срце. Потоа додаде дека оној, кој го носи Исус, не се плаши од препреки, Христос е неговиот извор на сила, Христовата љубов го храбри, го тера кон другите, повлекувајќи паралела со зборовите на свети Павле кој нешто слично искажува во Второто послание до Коринтјаните: Зашто љубовта Христова нè принудува.
Во продолжение на проповедта епископот Стојанов истакна дека Богородица ни го покажува патот до Христос. Понатаму, спомнувајќи ја средбата помеѓу Марија и Елисавета, рече дека кога двајца ќе се сретнат како нив, излегуваат од таквата средба нови и преобразени, сосема други и додаде: Така и ние денес од оваа духовна обнова ќе си отидеме духовно обновени и збогатени. После една таква средба меѓу луѓето не постои конкуренција еден на друг, не се натпреваруваат или загрозуваат, туку се надополнуваат – рече епископот Стојанов.