Пребарување

1653295500212.JPG

Папата Фрањо ја прими македонската делегација

Македонската државнo - црковна делегација на чело со премиерот Димитар Ковачевски на 23 мај 2022 година во претпалдневните часови беше примена во аудиенција од папатаФрањо во рамките на традиционалните свечености во чест на 24 Мај - Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј.

По средбата со претседателот на Владата Ковачевски Папата Фрањо ги прими и останатите членови на македонската делегација.

На аудиенцијата кај Светиот Отец Фрањо премиерот Ковачевски изрази благодарност за посетата на Папата Фрањо на нашата земја во 2019 година која што беше прва посета на поглавар на Католичката црква Македонија.

За време на разговорот на средбата со Папата Фрањо беше истакната улогата на Светите браќа Кирил и Методиј кои со својата мисија да го шират христијанството на јазик разбирлив за словенските народи извршија и мисија на поврзување на народите на Европа.

Македонија и Ватикан, беше нагласено на средбата, од воспоставувањето дипломатски односи од пред 28 години, со посветеност и меѓусебно почитување градат пријателство базирано на заеднички историски, културни и верски традиции и значајни ликови како Светите браќа Кирил и Методиј и Света Мајка Тереза.

На средбата беше поздравена отпочнатата иницијатива за потпишување на Конкордат помеѓу Македонија и Светиот Престол, за да се регулира статусот на Католичката црква во нашата земја и за унапредување на соработката во областите од взаемен интерес, особено во делот на соработката меѓу образованите институции и архивите на двете земји.

Соговорниците се согалсија дека поддршката на најранливите наши сограѓани во време на криза е суштинско. Почитувањето на разликите како еден од  столбовите на градењето на општество во кое има место за сите е пресликана во традицијата на меѓурелигиска толеранција, почитување на разни верски убедувања како и негувањето на слободата и демократијата во Македонија.

На средбата меѓу Премиерот Ковачевски и македонската делегација со Папата Фрањо беа споделени пораки за надеж и желба за просперитет во постпандемискиот период, но и во време на справување со најголемата криза досега, истакнувајќи дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи, бидејќи ги делиме истите вредности на меѓусебно разбирање, поддршка за најранливите, еднаквост, толеранција и човечко достоинство.

Премиерот Ковачевски на Папата Фрањо му подари рачно изработен фрагмент со калиграфско пишување на рачна изработена хартија од пофалното слово на Свети Климент Охридски, бројаница со традиционален охридски бисер и филигран, како и винил плоча од македонскиот виртуоз Влатко Стефановски. Папата Фрањо пак му ги врачи овогодинешната порака за мир и документот за човечко братство.

Покрај премиерот Ковачевски во составот на македонската делегација се ќерката на претседателот на Владата како и Бујар Османи, министер за надворешни работи, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, Мартин Попов, шеф на Кабинет на Претседателот на Владата, Ана Андреева, секретар за комуникации, односи со јавност и протокол, Даријан Сотировски директор на Комисија за односи со верски заедници, Никола Јанкуловски ректорот на УКИМ, Пимен Илиевски митрополитот на МПЦ-ОА, Јосиф Тодоровски митрополитот на МПЦ-ОА и Зоран Стојанов декан на Деканатот Свети Кирил и Методиј при Струмичко - скопската епархија и Марија Ефремова, амбасадорката на Македонија во Ватикан.

23 мај 2022, 12:39