Ангел Господов: Преку жртвата на мачениците Бог ги менува срцата на луѓето
На празникот Свети Стефан, првиот маченик во историјата на христијанството, човек со добар глас, кој служел на трпезата и делел милосрдие - како што е опишано во Делата на светите апостоли - папата Фрањо, во неговото пладневно обраќање пред молитвата Ангел Господов, се осврна на верата во Исус на тој млад ученик и потсети дека на неговото каменување присуствувал Савле, ревносен прогонител на христијаните.
Савле и Стефан, прогонителот и прогонетиот. Изгледа дека меѓу нив има непробоен ѕид.
Денешните прогонства
Меѓутоа, преку сведоштвото на Стефан, Бог подготвува преобраќање во срцето на Савле што ќе го направи да биде голем апостол - објасни Светиот Отец - оттука и служењето, молитвата, храброста и навестената вера на тој млад човек убиен за Христа, а пред сѐ неговото простување во моментот на смртта, не се залудни. Жртвата на Стефан фрла семе во срцето на Павле – рече папата Фрањо и гледајќи во сегашноста истакна дека крвта на мачениците сѐ уште е семе на христијаните.
Денес, по две илјади години, за жал, гледаме дека прогонството продолжува, има прогонства на христијаните: сè уште има - и ги има многу - оние кои страдаат и умираат за да сведочат за Исус, како и оние кои се казнети на различни нивоа поради тоа што се однесуваат во согласност со Евангелието и оние кои секојдневно се борат да останат верни, без врева, на своите добри должности, додека светот се смее на тоа и проповеда нешто друго.
Плодовите на оние кои сведочат за Христа
Тоа не се неуспешни луѓе – забележа Римскиот епископ - затоа што нивното сведоштво раѓа новости и и чуда.
И сега како и тогаш, имено, семето на нивните жртви, изгледа дека умира, никнува и донесува плод, бидејќи Бог продолжува да прави чуда преку нив, да ги менува срца и да ги спасува луѓето.
Затоа папата Фрањо поттикна да се запрашаме дали сме заинтересирани за оние кои се убиени за нивната вера и дали сме подготвени да го сведочиме Евангелието доследно, нежно и со доверба, сигурни дека семето на доброто ќе донесе плод дури и ако резултатите не се веднаш видливи.