Пребарување

Pope Francis delivers his traditional Christmas Day Urbi et Orbi message at the Vatican

Urbi et Orbi: Луѓето не сакаат оружје, туку леб

Папата Фрањо ја упати традиционална божиќна порака и благослов од ложата на Ватиканската базилика и ги посвети своите мисли на Светата Земја растргната од насилство. Се помоли и за Украина, Сирија, Либан, Јемен, Кореја, Африка. Папата ги осуди бројните масакри на невини во светот, како и трговијата со оружје што ги „влече конците на војните“: „Колку јавни пари се издвојуваат за вооружување?“

„Не“ на војната, на тој пат без цел. „Не“ за војната, пораз без победник. „Не“ за војната, лудило без оправдување. И понатаму „не“ за оружјето, чие производство и трговија ги влече конците на секоја војна во корист на малкумина, а на штета на многумина кои не сакаат оружје, туку леб. Така папата Фрањо ја сумираше желбата да се запре секое насилство и желба за уништување што ја распарчува планетата и во ова божиќно време. Како и секој 25 декември, Светиот Отец од централната ложа на Ватиканската базилика, се помоли заедно со околу 70 илјади верници собрани на плоштадот Свети Петар на традиционалниот благослов Urbi et Orbi. Покрај него беше кардиналот Џејмс Харви, архипрезвитер на базиликата Свети Павле надвор од ѕидините и кардиналот Хозе Толентино де Мендонса, префект на Дикастеријата за култура и образование.

Драги браќа и сестри, Среќен Божиќ!

Молитва за мир

Папата Фрањо напладне воздигна молитва за градот чиј епископ е и за целиот свет чиј пастир е. Тоа беше молитвата за мир на Петровиот наследник, за напатената Сирија, за Јемен кој страда, за разурнатата Украина, за Ерменија и Азербејџан кои се во конфликт, за Сахел и Африканскиот Рог, места на тензии и конфликти, за сè уште поделената Кореја, за сите кои се принудени да ја напуштат својата татковина во потрага по подобра иднина, ризикувајќи ги своите животи на исцрпувачки патувања и на милост и немилост на бескрупулозните трговци.

Нека престанат воените операции во Светата Земја

Мир, пред сè, за Светата Земја, земјата на Исус Христос искапена во крвта на илјадници жртви и за која, уште еднаш од почетокот на „одвратната“ бруталност на 7 октомври, Римскиот епископ моли за прекин на огнот и достава на итна хуманитарна помош.

Молам да престанат воените операции, со нивните застрашувачки последици на невини цивилни жртви, да се подобри очајната хуманитарна ситуација дозволувајќи пристап до помош. Да не поттикнуваме насилство и омраза, туку да тргнеме кон решение на палестинското прашање, преку искрен и упорен дијалог меѓу страните, поддржан од силна политичка волја и поддршка од меѓународната заедница.

Вест која ја менува историјата

Очите и срцата на христијаните ширум светот се свртени кон Витлеем – рече Папата на почетокот на пораката. Во Витлеем овие денови владее жалост и тишина, но веста чекана со векови одекна: Ви се роди Спасител, Христос Господ!

Сознанието дека Господ се роди за нас нѐ исполнува со доверба и надеж – истакна Папата. Тоа е вест што го менува текот на историјата и буди радост, која не е минлива среќа на светот или радост на забавата, туку голема радост затоа што во сите нас, напатени и ограничени луѓе, влева извонредна надеж дека сме родени за рајот. Затоа, тоа е радост, која го утешува срцето, ја обновува надежта и дава мир. Со Христос мирот нема да има крај – истакна Папата.

Масакр на невините во денешниот свет

Потоа Светиот Отец потсети на Светото Писмо, во кое Кнезот на мирот, Исус, му се спротивставува на кнезот на овој свет, кој, сеејќи смрт, дејствува против Господа. Го гледаме на дело во Витлеем кога се случува колеж на невини по раѓањето на Спасителот. Тоа го гледаме на дело денес со бројни масакри на невини во светот – истакна Папата и додаде: Во мајчината утроба, по очајничките патишта во потрага по надеж, во животите на многубројните деца чии детства се уништени од војна. Тие се малите денес за кои Исус зборува.

Затоа, да се каже „да“ на Кнезот на мирот значи да се каже „не“ на војната. И храбро: да се каже „не“ на војната, на секоја војна, на самата логика на војната, пат без цел, на поразот без победник, на лудилото без оправдување. Тоа е војната...

Народот не сака оружје, туку леб

Меѓутоа, за да и кажеме „не“ на војната – истакна папата Фрањо – мора да кажеме „не“ на оружјето. Зашто, ако човек, чие срце е нестабилно и рането, ако му дојде в раце инструмент на смртта, порано или подоцна ќе го употреби. Како да зборуваме за мир ако расте производството, продажбата и трговијата со оружје? – праша Папата.

И денес, како и во времето на Ирод, заверите на злото, кои се спротивставуваат на божествената светлина, се движат во сенка на лицемерието и прикривањето. Колку вооружени масакри се случуваат во приглушена тишина, без знаење на многумина! – истакна Папата.

Народот кој не сака оружје, туку леб, кој се бори да оди напред и да бара мир, не знае колку народни пари се издвојуваат за вооружување. Сепак, треба да знае! Нека се зборува, нека се пишува, за да се знаат интересите и заработката кои ги влечат конците на војните.

Ослободување на заложниците во Газа

Папата го поврза божиќниот благослов со пророштвото на Исаија, кое предвидува ден во кој „луѓето повеќе нема да креваат мечови против луѓето“ и во кој луѓето „повеќе нема да учат да се борат“. Ајде да се обидеме да го направиме тој ден поблизок! поттикна Папата. Нека се приближи посебно за Израел и Палестина, каде што војната го тресе животот на тие народи - рече Петровиот наследник и ја изрази својата близина со тие земји, посебно со христијанските заедници во Газа и целата Света Земја. Во моето срце жалам за жртвите од страшниот напад на 7 октомври и повторно упатувам силен апел за ослободување на оние кои се уште се држат како заложници.

Браќа и сестри, да молиме за мир во Израел и Палестина.

Молитви за Сирија, Јемен, Либан и Украина

Папата Фрањо ги упати своите мисли до измаченото население во Сирија, како и до она во Јемен кое се уште страда и до саканиот либански народ што поскоро да постигне политичка и општествена стабилност.

Со поглед вперен во малиот Исус, папата Фрањо молеше за мир во Украина.

Да ја обновиме нашата духовна и човечка близина со тој напатен народ и преку поддршката на секој од нас да ја почувствува конкретноста на Божјата љубов.

Мир меѓу Ерменија и Азербејџан

Римскиот епископ исто така молеше да се приближи денот на конечниот мир меѓу Ерменија и Азербејџан. Ова нека биде олеснето со продолжување на хуманитарните иницијативи, враќањето на прогонетите во нивните домови со законитост и безбедност и меѓусебно почитување на верските традиции и богослужните места на секоја заедница.

Африка и Кореја

Папата не ги заборави тензиите и конфликтите кои го вознемируваат регионот Сахел, Африканскиот Рог, Судан, како и Камерун, Демократска Република Конго и Јужен Судан. Не ги заборави ниту поделбите во Кореја. Тој се надева дека се наближува денот кога ќе се зајакнат братските врски на Корејскиот полуостров, со што ќе се отворат патишта за дијалог и помирување кои можат да создадат услови за траен мир.

Борба против сиромаштвото и апел за мигрантите

На крајот, Папата се обрати кон Божјиот Син, кој стана понизно Дете, молејќи од него да ги вдахнови политичките власти и сите луѓе со добра волја на американскиот континент, да најдат соодветни решенија за надминување на социјалните и политичките несогласувања со цел да се борат против формите на сиромаштво кои го навредуваат човечкото достоинство, изедначувајќи ја нееднаквоста и справувајќи се со болниот феномен на миграција.

Детето од јаслите бара да бидеме глас на оние што немаат глас: глас на невините, кои умреле од недостиг на вода и леб; глас на оние кои не можат да најдат работа или ја изгубиле; глас на оние кои се принудени да ја напуштат својата татковина во потрага по подобра иднина, ризикувајќи ги своите животи на исцрпувачки патувања и на милост и немилост на бескрупулозните трговци со луѓе.

Поглед на јубилејот

На крајот, папата Фрањо го сврте погледот кон иднината, односно кон јубилејот, - како што рече – на тоа време на благодат и надеж што ќе започне за една година. Тој се надева дека овој период на подготовка ќе биде можност за преобраќање на срцето, за да можеме да кажеме „не“ на војната и „да“ за мирот; и радосно да одговориме на Господовиот повик.

Потполн опрост

Следуваше маријанската молитва Ангел Господов, по што кардиналот Џејмс Мајкл Харви, втор кардинал протоѓакон, објави потполн опрост за сите верници, упатувајќи молитва до Семоќниот Бог Папата долго време да остане на чело на Црквата и да дарува мир и единство на Црквата во целиот свет.

25 декември 2023, 22:04