Пораката на Папата за Светскиот ден на медиумите
Светиот Отец објави порака за Светскиот ден на социјалните комуникации 2024 година, фокусирана на темата: „Вештачката интелигенција и мудроста на срцето: за потполна човечка комуникација“.
Денот ќе се слави на 12 мај 2024 година, а овогодинешната тема е тесно поврзана со пораката на Папата за Светскиот ден на мирот, која беше посветена на развојот на системите за вештачка интелигенција.
Вештачката интелигенција радикално влијае на светот на информации и комуникација, како и на одредени основи на животот во општеството, истакна Папата во пораката за Светскиот ден на социјалните комуникации и додаде дека овие промени не засегаат сите нас.
Како можеме да останеме во потполност луѓе и да ја насочиме тековната културна промена кон добро?, прашува Светиот Отец во пораката.
Почнувајќи од срцето
Одговарајќи на тоа прашање, Светиот Отец истакна дека во ова време од историјата, кое се заканува да стане богато со технологија и сиромашно со човештво, нашите размислувања треба да започнат првенствено од човечкото срце.
Тој потсети дека во Библијата на срцето се гледа како на место на слобода и одлучување, симболизирајќи ја целината и единството, а во исто време ги зафаќа нашите емоции, желби и соништа.
Римскиот бискуп во пораката истакна дека срцето е пред сè внатрешно место на нашата средба со Бога.
Затоа, мудроста на срцето е доблест што ни овозможува да ги интегрираме целината и нејзините делови, нашите одлуки и нивните последици, нашата благородност и ранливост, нашето минато и иднина, нашата индивидуалност и членство во една поголема заедница, истакна Папата.
Можности и опасности
Светиот Отец продолжи нагласувајќи дека таква мудрост не може да се бара од машините. Иако терминот вештачка интелигенција го замени терминот машинско учење самата употреба на зборот „интелигенција“ може да се покаже погрешна – истакнува Светиот Отец.
Папата објасни дека не е доволно да можеш да собираш податоци, како што тоа го прават машините, туку овие податоци треба да се сфатат, а само луѓето се способни за тоа. Во зависност од склоноста на срцето, сè што ни е на дофат станува или можност или закана, предупреди Папата.
Тој истакна дека технологијата за симулација зад алгоритмите за вештачка интелигенција може да биде корисна во одредени специфични области. Меѓутоа, додаде Папата, употребата на вештачка интелигенција станува опасна кога ги нарушува нашите односи со другите и со реалноста. Треба да се регулира вештачката интелигенција, тврди папата Фрањо, признавајќи дека, како и во секој човечки контекст, регулацијата сама по себе како таква не е доволна.
Раст на човештвото
Папата Фрањо потоа повика на заеднички раст, во човештвото и како човештво, потсетувајќи дека сите сме соочени со предизвикот да направиме квалитативен скок за да станеме сложено, мултиетничко, плуралистичко, мултирелигиско и мултикултурно општество.
Зборувајќи за информациите, Светиот Отец предупредува дека информациите не можат да се одвојат од живите односи. Тој објасни дека односите вклучуваат тело и влегување во реалниот свет, но вклучуваат и човечки искуства, како што се сочувство и споделување.
Имајќи го ова на ум, папата Фрањо во пораката потсети на големиот број новинари кои беа повредени или убиени за време на службената должност додека се обидуваа да му покажат на светот што виделе и забележиле. Само преку директен контакт со страдањата на децата, жените и мажите можеме да дојдеме до разбирање за апсурдноста на војната, нагласува Папата.
Прашања за сегашноста и иднината
Завршувајќи ја својата порака за Светскиот ден на комуникациите, папата Фрањо потсети дека наше е да одлучиме дали ќе станеме храна за алгоритми или ќе ги храниме нашите срца со таа слобода без која не можеме да растеме во мудрост.
Само заедно, заклучи тој, можеме да ја зголемиме способноста за распознавање и будност и да се гледаат работите во светлината на нивното исполнување.
Потоа папата Фрањо се помоли човештвото никогаш да не ја изгуби својата позиција и Господ да ни ја врати мудроста што беше присутна пред сите модерни технологии.
Мудроста, заклучи Папата, може да ни помогне да ги ставиме системите за вештачка интелигенција во служба на потполна човечка комуникација.