Пребарување

FILE PHOTO: Pope Francis leads Angelus prayer at Vatican

Папата: Војните ги уништуваат луѓето и се пораз за човештвото

По молитвата Ангел Господов во недела, 28 јануари 2024 година, папата Фрањо ги осуди страдањата во Мјанмар, Блискиот Исток, Украина и Хаити, а истовремено ги повика сите да одат по патот на мирот. Потсети и на одбележувањето на Светскиот ден на лепрата

Апел за Мјанмар

Веќе три години болниот плач и вревата на оружјето ги заменуваат насмевките што го карактеризираат населението во Мјанмар. Затоа, се придружувам на гласот на некои бурмански бискупи, „оружјето за уништување да се преобрази во алатка за раст на човештвото и правдата“. Мирот е патот и ги повикувам сите вклучени страни да преземат чекори на дијалог и да го прегрнат разбирањето, за да може земјата Мјанмар да дојде до братско помирување. Нека се дозволи превоз на хуманитарна помош за да се обезбеди на сите она што им е потребно, апелираше папата Фрањо по молитвата Ангел Господов.

Палестина, Израел, Украина

Истото нека се случи и на Блискиот Исток, во Палестина и Израел, и секаде каде што има борби: нека се почитува населението! Секогаш од сѐ срце мислам на сите жртви, посебно на цивилите, предизвикани од војната во Украина. Ве молам слушнете го нивниот крик за мир: крикот на народ кој е уморен од насилство и сака крај на војната, која е катастрофа за луѓето и пораз за човештвото!

На Хаити му е потребна обновена поддршка

Со олеснување ја примив веста за ослободувањето на монахињите и другите кои беа киднапирани со нив на Хаити минатата недела. Барам другите киднапирани лица да бидат ослободени и да престанат сите форми на насилство; секој нека придонесе за мирен развој на земјата, за што е потребна обновена поддршка од меѓународната заедница.

Светски ден на лепрата

Денеска е Светски ден на лепрата. Ги охрабрувам оние кои се вклучени во пружањето помош и социјална реинтеграција на лицата заболени од оваа болест, која и покрај падот на бројот на заболени, сè уште е меѓу оние од кои луѓето најмногу се плашат и која ги погодува најсиромашните и најмаргинализираните.

28 јануари 2024, 18:48

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >