Пребарување

Pope Francis leads Angelus Prayer

Ангел Господов: Во овој виртуелен свет потребно е конкретно да се грижиме за другите

Конкретноста е зборот што најмногу се повторува во размислувањата на папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов во недела 11 февруари 2024 година. Папата се осврна на Исусовото однесување во евангелскиот пасус кога Тој „смилува, протегна рака, се допре до него и го зилекува“ страдањата. Папата своите мисли ги сврте кон светот во кој доминира „ефемерната виртуелност на односите“, додека за љубов е „потребно присуство, средба, посветување на време и простор“

„Ова е Исусовото однесувањето при страдањата: малку зборови и конкретни дела“: вака папата Фрањо го коментираше делот од Евангелието според Марко за оваа недела (Марко 1,40-45), кој зборува за Исусовата средбата со еден лепрозен.

Денеска е светски ден на болните. И покрај дождот, на плоштадот Свети Петар присуствуваа околу 20 илјади верници и ходочесници.

Во својот говор пред неделната молитва Ангел Господов, што следуваше по светата Литургијата во базиликата Свети Петар за канонизација на Марија Антонија де Сан Хозе де Паз и Фигероа, позната како Мама Антула, Папата посочи на неколкуте зборови што Господ му ги кажа на лепрозниот кој Го замоли за исцелување: „Сакам! Очисти се!“ (стих 41).

Секогаш го прави тоа: зборува малку, а веднаш по зборовите следуваат неговите дела. Во овој случај се наведнува, подава рака, лекува. Тој не се задржува во разговор или испрашување, уште помалку во пиетизам и сентименталност. Наместо тоа покажува голема скромност на личност која внимателно слуша и дејствува брзо, по можност без око да трепне.

Конкретност, во свет на виртуелни односи

Папата Фрањо забележува дека патот до Исусовата љубов понекогаш го откриваме кај оние луѓе кои се „скржави со зборови, но се дарежливи во делата“, кои не се истакнуваат, но се подготвени веднаш да слушаат. Луѓе од кои може да се побара помош со сигурност дека ќе одговорат „Тука сум да ти помогнам!“. Папата вели:

Оваа конкретност е уште поважна во свет како нашиот, каде што изгледа дека минливата виртуелност на односите се повеќе го наоаѓа својот пат.

Конкретно присуство, не само селфи и пораки

Пред брат или сестра што е гол или гладен, кој бара помош, не може да се ограничи само на изговарање празни и апстрактни зборови без дела, додаде Папата, додека сегашните средства за комуникација се корисни, но не и доволни. Не може да го замени „конкретното присуство“.

На љубовта и треба конкретност - љубовта што не е конкретна не е силна - на љубовта и треба присуство, средба, и треба време и простор: таа не може да се сведе на убави зборови, на слики на екранот, на мометално селфи или на брзо напишани пораки.

Дали сме подготвени да слушаме или сме рамнодушни?

Папата Фрањо го заврши своето размислување со предлог до верниците да се запрашаат за сопствената подготвеност да ги слушаат и да се грижат за луѓето со кои се среќаваат во секојдневниот живот.

Поточно, кога последен пат отидов да посетам осамена или болна личност - секој нека одговори во своето срце - или кога последен пат ги сменив моите планови за да ги исполнам потребите на оној што побара моја помош?

На крајот, Папата се помоли на Дева Марија „да ни помогне да бидеме подготвени и конкретни во љубовта“.

11 февруари 2024, 07:07

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >