Пребарување

Il Papa, contro l'odio e la guerra serve tolleranza e fraternit�

Ангел Господов: Да не бидеме христијани од сакристијата, туку носители на Божјото оздравување

Во недела, 4 февруари 2024 година, од прозорецот на својата работна соба во Апостолската палата, папата Фрањо ја предводеше молитвата Ангел Господов, молејќи со верниците и ходочесниците присутни на плоштадот Сети Петар.

Папата Фрањо за време пладневната молитва Ангел Господов им се обрати на верниците собрани во плоштадот Свети Петар зборувајќи за Евангелието од неделната Литургија, кое ни го прикажува Исус во движење: Тој, имено, штотуку заврши со проповедањето и излегувајќи од синагогата, оди во куќата на Симон Петар, каде што ја излекува од треска неговата тешта. Потоа, навечер, откако зајде сонцето, повторно излегува кон градската порта, каде што сретнува многу болни и опседнати и ги лекува; следното утро, тој станува рано и оди да се помоли; и на крајот, повторно тргнува да оди низ Галилеја.

Светиот Отец истакна дека треба да се задржиме на тоа постојано Исусово движење, кое ни зборува нешто важно за Бога и, истовремено, ни поставува неколку прашања за нашата вера.

Исус, кој оди во пресрет на ранетото човештво, ни го покажува лицето на Отецот, нагласи папата Фрањо. Можеби сè уште имаме претстава за Бог кој е далечен, ладен, рамнодушен кон сè што ни се случува. Меѓутоа, Евангелието ни покажува дека Исус, откако поучуваше во синагогата, излезе за да може Словото што го навести да допре, да ги допре и лекува луѓето. На тој начин, Тој ни открива дека Бог не е далечен господар кој ни зборува одозгора; напротив, тој е Отец полн со љубов, кој ни е близок, кој ги посетува нашите домови, кој сака да спаси и ослободи, да не оздрави од секоја болест на телото и духот. Бог е секогаш близу до нас. Божјиот став може да се искаже со три збора: близина, сочувство и нежност. Бог кој ни станува близок да не придружува, со нежност и да ни прости. Не заборавајте го тоа: близина, сочувство и нежност. Тоа е Божјиот став. Ова непрекинато Исусово одење е предизвик за нас, истакна Светиот Отец.

Можеме да се запрашаме: дали го откривме Божјото лице како Отец на милосрдието или пак веруваме и навестуваме ладен и далечен Бог? Дали верата нè прави немирни патници или е интимна утеха што ни дава мир? Дали молиме само за да почувствуваме мир, или Божјото Слово што го слушаме и проповедаме нè поттикнува да излеземе, како Исус, да се сретнеме со другите, за да ја шириме Божјата утеха?

Затоа, да погледнеме на Исусовиот пат и да запомниме дека нашата прва духовна задача е оваа: да го оставиме ликот на Бога што мислиме дека го знаеме и секојдневно да се обраќаме кон Бог што ни го претставува Исус во Евангелието, кој е Отец на љубовта и Отец на сочувството. Близок, сочувствителен и нежен Отец. А кога ќе го откриеме вистинското лице на Отецот, нашата вера созрева: не остануваме да бидеме „христијани од сакристијата“ или „од дневна соба“, туку се чувствуваме повикани да станеме носители на Божјата надеж и оздравување, посочи Светиот Отец. и ја повика Света Марија, Жената на патот, да ни помогне да излеземе од себе за да навестиме и посведочиме за Господа.

05 февруари 2024, 10:02

Што е Ангел Господов

Ангел Господов е молитва која се моли три пати на ден во спомен на вечната Тајна на Овоплотување: во 6 часот наутро, точно напладне и навечер околу 18 часот, во моментот кога бие камбаната за Ангел Господов. Името Ангел Господов произлегува од првиот стих на молитвата – Ангел Господов ја поздрави Марија – која се состои од кратко читање на три едноставни текста кои се однесуваат на Овоплотувањето на Исус Христос и молење на три Радувај се Маријо. Оваа молитва ја моли Папата на плоштадот Свети Петар точно напладне во недела и за време на големите празници. Пред молењето на Ангел Господов, Папата има и еден мал наговор поврзан од дневните читања. Потоа следат поздрави до поклониците. Од Велигден па сѐ до Духовден, наместо Ангел Господов се моли Царице Небесна, која е молитва во спомен на Воскресението Христово, на крајот од истата се моли три пати Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Последниот Ангел Господов / Царице Небесна

Прочитајте сé >