Пребарување

2024.02.07 Udienza Generale

Генерална аудиенција: Во моментите на тага, наоѓаме утеха во Христовото воскресение

Тагата беше тема на катехезата на Генералната аудиенција на 7 февруари 2024 година, каде Папата направи разлика помеѓу онаа тага што е соодветна на христијанскиот живот и која, по Божја благодат, се претвора во радост, и она што се вовлекува во душата и го доведува во состојба на потиштеност. Против овој втор вид на тага, потребно е да се бориме решително и со сета своја сила, бидејќи доаѓа од Злобниот.

Потсетувајќи на блудниот син од параболата, каде што гледаме пример на тага што води до преобраќање, Папата рече:

Милост е да „пролееме горки солзи“ за нашите гревови, да се потсетиме на благодатната состојба од која паднавме, да плачеме затоа што сме ја изгубиле чистотата што Бог ја замислил за нас. Но, постои и друга тага, која наместо тоа е 'болест на душата' и се раѓа во човечкото срце кога желбата и надежта исчезнуваат.

Пример за таква тага може да се најде во извештајот за учениците од Емаус, рече Светиот Отец. „Динамиката на жалост е поврзана со искуството на загуба. Во човечкото срце се раѓаат надежи, кои понекогаш се остваруваат. Тоа може да биде желба да поседуваме нешто кое сепак, не успеваме да го стекнеме; но и нешто важно, како што е загубата на некој близок. Кога тоа ќе се случи, изгледа дека срцето на човекот потонува во бездна и чувство на очај, слабост на духот, депресија и го опфаќа анксиозност. Како што рече Папата, сите поминуваме низ искушенија кои во нас раѓаат тага, бидејќи животот ни дозволува да сонуваме соништа кои потоа се распаѓаат. Во оваа ситуација, некои по немирите кои траат извесно време, наоѓаат поддршка во надежта, но други се борат со меланхолија. Според тоа, тагата е уживање во незадоволството.

Вовлеченост во бескрајна болка, каде што човек продолжува да ја проширува празнината што ја остави зад себе поради некој што повеќе не е тука. Тоа не е типично за живот во Духот, истакна Папата. Секој од нас има нешто во своето минато што треба да се излечи. Тагата може да се претвори од природна емоција во зла состојба на духот.

Светиот Отец се осврна и на мудроста на пустинските оци, кои ја опишуваат тагата како „црв на срцето“, кој ги јаде и ги остава празни оние кај кои ќе се вдоми“. Но, тоа може лесно да се надмине: со негување на мислата за Христовото воскресение. Колку и да е животот исполнет со противречности, поразени желби, неостварени соништа, изгубени пријателства, благодарение на Исусовото воскресение можеме да веруваме дека сè ќе биде спасено. Исус не воскресна само за себе, туку и за нас, за да ја откупи сета среќа што остана неостварена во нашите животи. Верата го растерува стравот, а Христовото воскресение ја отстранува тагата како камен од гробот“. Христијанинот секој ден се вежба во воскресението, рече на крајот папата Фрањо.

07 февруари 2024, 15:33