Пребарување

Pope Francis general audience

Автобиографска книга на Папата: Не размислувам да се повлечам

Италијанскиот весник „Corriere della Sera“ објави неколку делови од автобиографската книга на папата „Живот. Мојата историја во историјата“, која ја напиша заедно со ватиканистот Фабио Маркезе Рагон и ќе биде објавена на 19 март од „Харпер Колинс“. На повеќе од 300 страници се испишани црти од животот на Хорхе Марио Бергољо од детството до денес, објави Ватикан њуз.

Во случај да се повлече од Петровата служба, Фрањо нема да биде почесен Папа, туку „едноставно почесен бискуп на Рим“, кој ќе живее во Света Марија Велика „за да се врати да биде исповедник и да ги причестува болните“. Самиот Папа е тој што го објаснува можното сценарио во случај да се повлече од службата, што, сепак, посочува, е „далечна хипотеза“ бидејќи нема „толку сериозни причини“ кои би укажале на таа можност. Сè уште никогаш не ја зел предвид таа можност, „и покрај моментите на тешкотии.“ Ова е еден од истакнатите делови од автобиографската книга на папата Фрањо со наслов „Живот. Мојата историја во историјата“, напишана со Фабио Маркезе Рагон, дописник на Медијасет од Ватикан, која ќе биде објавена од Харпер Колинс на 19 март во Америка и Европа.

Весникот „Corriere della Sera“ во четвртокот на 14 март 2024 година даде осврт на некои делови. Нема „услови за повлекување“ освен ако не се појави „сериозна физичка попреченост“. Оваа можност е објаснета и со  „писмото за повлекување“ кое се чува во Државниот секретаријат на Светиот Престол, кое Бергољо го потпиша на почетокот на неговиот понтификат. Таа можност во моментов е далечна, бидејќи Папата го служи „добро здравје и, ако даде Бог, има уште многу проекти да спроведе“.

Повеќе од 300 страници ги следат сите аспекти од животот на Фрањо: од неговиот однос со неговото семејство, особено со неговите баба и дедо, нивната емиграција во Аргентина во 1929 година, неговото „мало лутање“ за време на семинарскиот период, до Втората светска војна со нејзиниот драматичен атомски епилог. „Употребата на атомска енергија за воени цели е злосторство против човекот, против неговото достоинство и против секоја можност за иднина во нашиот заеднички дом“, повтори Фрањо уште еднаш, кој го постави тешкото прашање како да се преживее „како поддржувачи на мирот и правда ако во меѓувреме создаваме ново воено оружје“.

На страниците на книгата се опишува и историјата на аргентинската диктатура, длабоките односи на Бергољо со оние кои не преживеале, неговата посветеност да им овозможи прифаќање на младите во опасност за време на режимот на генералот Хорхе Рафаел Видела, но и неуспешниот обид биде спасена неговата учителка Естер, која беше многу важна за неговото образование. Она што се случи во Аргентина „беше генерациски геноцид“, повторно напиша Папата, не пропуштајќи да се осврне на обвинувањата упатени против него неколку пати дека на некој начин бил во дослух со диктатурата, отфрлајќи ги со докази дека јасно се противел на „тие злосторства“. Фрањо пишувал за Естер, жена која била „вистинска комунистка“, атеистка „но полна со почит“, која „и покрај тоа што имала свои идеи, таа никогаш не ја нападнала верата. И таа ме научи многу за политиката.“ Токму овој спомен му дава можност на Папата уште еднаш да повтори дека „да се зборува за сиромашните не значи автоматски да се биде комунист“ бидејќи „сиромашните се знамето на Евангелието и во се во Исусовото срце“ и дека „во христијанските заедници меѓусебно се делела сопственоста: ова не е комунизам, ова е христијанство во неговата чиста форма!“.

Книгата го продолжува своето патување помеѓу макотрпната одбрана на човечкиот живот, „од зачнување до смрт“, каде што абортусот се опишува како „убиство“ извршено од „платени убијци“ и праксата на сурогат мајчинство, т.е. „матка под кирија“ што е „нечовечки“. Книгата не го занемарува фудбалот, страста на Бергољо, кој зборува за Марадона и неговиот завет „никогаш повеќе да не гледа телевизија“. На страниците е опфатен и неговиот период во Кордоба, што го поттикна да размислува за грешките „направени поради мојот авторитарен став, толку многу што бев обвинет дека сум ултраконзервативен. Тоа беше период на прочистување. Бев многу затворен во себе, малку депресивен“.

Повлекувањето на Бенедикт XVI, конклавата што следеше и неговиот избор за Папа, заедно со изборот на името Фрањо, се уште едно поглавје од неговата автобиографија во која Фрањо ја опиша својата болка кога гледа како ликот на почесниот Папа се „искористува „за идеолошко-политички цели од страна на несовесни луѓе“, и за настанатите „контроверзи“ кои „траат десет години и кои ни нанесоа штета на двајцата“.

„Живот. Мојата историја во историјата“ преку спомнување на пандемијата потсетува на апелите за богатството на културите и различноста на народите карактеристични за Европската Унија, со надеж дека унгарскиот премиер Орбан ќе го слушне овој апел „за да сфати дека постои секогаш голема потреба за единство“, како и Брисел „кој како да сака да стандардизира сè, така да ја почитува унгарската посебност“.

Папата Фрањо се осврна и на неговите омилени теми, како што е заштитата на созданието упатена до младите, барајќи од нив „да прават врева“, бидејќи „времето истекува, не ни останува уште многу за да ја спасиме планетата“. Црквата која Фрањо ја замислува е „Мајка Црква, која ги прегрнува и прифаќа сите, дури и оние кои чувствуваат дека направиле грешка и оние кои сме ги осудиле во минатото“, мислејќи и на хомосексуалците или транссексуалците „кои го бараат Господа и кои наместо тоа се отфрлени или протерани“.

Папата Фрањо препорача луѓето кои често се маргинализирани во Црквата да се чувствуваат како дома, „особено оние кои се крстени и се дел од Божјиот народ во секој поглед. А кој не примил крштевање и сака да прими, или кој сака да биде кум или кума, нека биде добредојден“.

Папата не ги крие раните што му ги нанесоа оние кои веруваат дека го „уништува Папството“, а има и такви кои „секогаш се обидуваат да ја забават реформата, оние кои би сакале да останат заглавени во времето“.

15 март 2024, 10:57