Папата до младите: Не обесхрабрувајте се поради војните и страдањата
Меѓународниот контекст е трагичен и, меѓу војните, атентатите и разни други страдања, остава малку изгледи за иднината. Сепак, Папата ги охрабрува младите, кои се градителите на таа иднина, да не ја губат храброста, а уште помалку надежта. Надежта содржана во навестувањето: „Христос живее!“, Christus vivit. Токму ова е насловот на постсинодалниот поттик кој папата Фрањо го објави во 2018 година по Синодата посветена на новите генерации, кој е објавен пред точно пет години.
Тоа е можност Папата повторно да се обрати до младите момчиња и девојки, охрабрувајќи ги да не дозволат да бидат совладани од страв и обесхрабрување, туку, напротив, да бидат движечка сила на светот.
Споделете ги со Христос радостите и страдањата
Во својата порака, Римскиот бискуп поаѓа од керигмата, навестувањето за спасението кое е основа на надежта за целото човештво: „Христос живее! На секој од вас посебно го велам ова: Христос живее и ве сака бескрајно. Неговата љубов кон вас не е условена од вашите неуспеси или грешки. Тој што го даде својот живот за тебе, не очекува од тебе совршенство за да те сака – рече Светиот Отец.
Сведочете за радоста на пријателството со Христа
Желбата на Папата е секој да го сфати ова навестување како живо и вистинито во својот живот и да почувствува потреба да ја сподели со своите пријатели. Затоа што имате важно послание: на сите да им ја посведочите радоста што се раѓа од пријателството со Христос.
Нека ве слушнат, викајте, не толку со гласот, туку со животот и срцето, за оваа вистина: Христос живее! Така што целата Црква ќе се охрабри повторно да се исправи, да започне одново и повторно да ја пренесе оваа вест во целиот свет.
Победа над смртта
Папата Фрањо во својата порака потоа потсетува дека на 14 април ќе се одбележи 40-годишнината од првиот голем собир на младите, во 1984 година, во контекст на Светата Година на Откупувањето. Тоа беше „никулецот“ на идните светски денови на млади, а на крајот на таа јубилејна година, Иван Павле II. им го предаде крстот на младите луѓе со задача да го носат низ светот како знак и да навестат на сите „дека само во Христа Кој умре и воскресна е спасение и откупението“.
Едноставен дрвен крст без Распнатиот, сака да не потсети дека ја славиме пред се победата на воскресението, победата на животот над смртта – истакна Папата. Размислувајте за Исус – им пишува папата Фрањо на младите – како жив и преплавен од радост, победник над смртта, пријател кој ве сака и сака да живее во вас.
Само така, во светлина на неговото присуство, сеќавањето на минатото ќе биде плодно и ќе имате храброст да ја живеете сегашноста и да се соочите со надеж за иднината. Ќе можете слободно да ја преземете историјата на вашите семејства, вашите баби и дедовци, вашите родители, верските традиции на вашите земји, за да бидете градителите на утрешниот ден, „творци“ на иднината.