Папата на Велики Четврток: Господ никогаш не се изморува да простува
Продолжувајќи ја традицијата на славење на Литургијата Вечера Господова во затвор, на Велики Четврток во попладневните часови, папата Фрањо го посети женскиот оддел на поправната установа „Ребибија“ во Рим, каде што ја предводеше светата Литургија и обредот миење на нозете на 12 затвореници. На светата Литургија под шаторот во дворот на затворот присуствуваа 200 луѓе.
Во кратката проповед без подготвен текст, Папата се фокусираше на две епизоди од Исусовата Последна вечера пред Неговото страдање опишано во Евангелието по Иван.
Спомна како за време на вечерата, Исус се понизил за да им ги измие нозете на учениците. Со тоа, објасни папата Фрањо, „ни објаснува што мислел кога рекол: „не дојде за да Му служат, но да послужи“. Овој скромен гест, значи, „нè учи на патот на служењето“, додаде Папата.
Папата Фрањо потоа зборуваше за предавството на Јуда, кое било поттикнато од алчноста и себичноста. Настанот со Јуда, рече Папата, нѐ упатува дека Господ секогаш ни ги простува гревовите, „Тој само бара од нас да бараме прошка“.
„Сите ние имаме мали или големи пропусти - секој има своја приказна. Но Господ секогаш нè чека со раширени раце и никогаш не се изморува да простува“, нагласи Папата.
По проповедта, папата Фрањо им ги изми нозете на 12 затвореници во „Ребибија“ од различни националности: од Италија, Бугарија, Нигерија, Украина, Русија, Перу, Венецуела, Босна и Херцеговина. Тие се на возраст од 40 до 50 години.
На крајот од литургиското славење, тој се сретна со затворениците и вработените во казнено-поправниот дом, при што го пречекаа и земјоделски производи кои што сами ги произведуваат, покрај рачно изработените: Бројаници, два епитрахила со ликот на две раце кои изразуваат добредојде, и сончоглед направен од затворенички кои работат во работилници за накит и шиење во затворот.
Папата на нив, на директорот и на персоналот на Ребибија им подари икона на Пресвета Богородица која ја добил на подарок.
Потсетуваме дека папата Фрањо веќе служеше на Велики Четврток света Литургија во затвор, установа за грижа или центар за бегалци откако стана Папа во 2013 година, додека неговите претходници обично им ги миеја нозете на свештениците во базиликата Свети Петар или базиликата Свети Иван Латерански во Рим. Ова беше негова втора посета на комплексот Ребибија на Велики Четврток. Таму за прв пат отиде во 2015 година, каде се сретна со затвореници и затворенички.