Папата: Христијаните сведоци на единството во светот ранет од поделби
Истакнувајќи на почетокот на пораката дека Конгресот собра учесници од целиот свет, Папата посочува дека „тоа го отсликува прекрасниот мозаик на современото христијанство со неговата богата разновидност, а сепак заснована на нашиот заеднички идентитет како следбеници на Исус Христос“.
Овогодинешната тема „И да узнае светот“ (Иван 17, 23б), продолжува Светиот Отец, ги повикува христијаните да го олицитворат единството и љубовта на Троединиот Бог во нивниот личен живот и во животот на нивните Цркви за да дадат сведоштво на светот обележан со поделби и ривалство.
„Единството е незаменлив елемент за прифаќање на визијата за Божјото Царство. Во оваа смисла, постои длабока поврзаност помеѓу екуменизмот и христијанското послание. Во текот на својата историја, Глобалниот христијански форум значително придонел за промовирање на таа врска обезбедувајќи простор во кој членовите, особено оние од различни историски изрази на христијанската вера, растат во меѓусебно почитување и братство, среќавајќи се меѓу себе во Христа“, истакна Папата.
„Нека овој собир, на сребрената годишнина на Форумот, ја продлабочи вашата вера и ја оживее вашата братска љубов додека заедно се молите, разменувате лични искуства и зборувате за предизвиците со кои се соочува глобалната христијанска заедница“, рече Папата, истакнувајќи на крајот дека собирот „видливо го унапредува единството меѓу сите христијани“.
Глобалниот христијански форум (GCF) е уникатен собир на христијанските цркви и организации од целиот свет кои ги обединуваат сите главни струи на светското христијанство. Глобалниот христијански форум е отворен простор каде што сите христијани можат да се сретнат за да го негуваат единството преку меѓусебно почитување и разбирање, како и заеднички да ги решаваат заедничките предизвици, се вели во претставувањето на Глобалниот христијански форум на нивната веб-страница.