Папата: Поддржете ги гестовите кои овозможуваат преговори во Украина и Светата Земја
Потребна е храброст да се преговара за да се постигне мир, кој на светот му е многу потребен. На тоа ја повика папата Фрањо меѓународната заедница и оние кои имаат политичка одговорност, по молитвата по молитвата Царице небесна
Нека не изостанува нашата молитва за мир, праведен и траен мир, особено за напатената Украина и за Палестина и Израел. Нека Духот на Воскреснатиот Господ ги просветли и поддржи оние кои работат за намалување на тензиите и поттикнување на гестови кои овозможуваат преговори. Господ нека им даде на лидерите способност да запрат некое време за да разговараат, да преговараат.
Молитва за жртвите од несреќата во Јужноафриканската Република
Папата ги спомена и 45-те лица кои загинаа во сообраќајна несреќа што се случи на 28 март во Јужноафриканската Република, кога автобус со христијански ходочесници, кои од Боцвана патувале во јужноафриканскиот град Морија за да го прослават Велигден, во северната провинција Лимпопо – на околу 400 километри од Јоханесбург – излетал од патот и паднал во провалија. Сите патници загинале, освен едно осумгодишно девојче кое преживеало и е надвор од животна опасност. Се молиме за нив и за нивните семејства – повика Папата.
Спортот едуцира за општество без предрасуди
Исто така, потсетувајќи дека на, 6 април, беше Меѓународниот ден на спортот за мир и развој, Светиот Отец истакна дека сите знаеме колку спортувањето може да едуцира за отворено општество, солидарно и без предрасуди. Но, за тоа се потребни лидери и тренери кои не целат само на победа или профит - напомена тој и поттикна: Да промовираме спортови кои поддржуваат општествено пријателство и братство!