Папата Фрањо до децата: Светиот Дух не придружува низ животот
По повод првиот Светски ден на детето и празникот Пресвата Троица, папата Фрањо во недела 26 мај 2024 година ја предводеше светата Литургија на плоштадот Свети Петар. Во проповедта Папата директно им се обрати на децата и разговараше со нив. На почетокот ги потсети дека сите верници се собрани на молитва:
Му се молиме на Бога - Бог Отецот, Бог Синот и Бог Светиот Дух. Колку „богови“ има? Има еден Бог во три лица: Отецот кој сите не создал, кој неизмерно нè љуби и кога се молиме на Бога Отецот, која молитва ја молиме сите? Оче наш, тоа е точно. Секогаш го молиме Бога, нашиот Отец, да нè придружува во животот и да растеме.
„Го молиме Божјиот Син Исус да ни помогне, да ни биде блиску и кога ќе се причестиме, го примаме Исус, и Тој ни ги простува сите гревови. Исус простува сè, и секогаш простува, а ние мора да имаме понизност за да бараме прошка“, потсети Светиот Отец.
Осврнувајќи се на личноста на Светиот Дух, Папата рече дека Него е малку потешко да се разбере:
Не е лесно да се сфати, бидејќи Светиот Дух е Бог, Тој е во нас. Светиот Дух го примаме во крштението, го примаме во Светите Тајни. Светиот Дух е оној кој нè придружува низ животот. Да размислиме и да кажеме заедно: „Светиот Дух нè придружува низ животот“. Тој ни кажува во нашите срца добри работи кои треба да ги правиме.
Повикувајќи ги присутните деца да се молат за своите родители, баби и дедовци и болните деца, ги поттикна секогаш и пред се да се молат за мир, за да нема војни. На крајот, го објави времето за Вториот Светски ден на детето:
Сега треба да си одиме, но кога е следниот Светски ден на детето? Оние кои го организираа ова ми кажаа дека следниот датум ќе биде во септември 2026 година! Ве чекаме! И ви благодарам многу, ви благодарам многу!