Пребарување

Aftermath of Russian missile strike on Okhmatdyt Children's Hospital in Kyiv

Папата е вознемирен од зголеменото насилство во Украина и Газа

Со голема тага папата Фрањо ја прими веста за нападите на медицинските центри во Киев и на едно училиште во Газа. Според соопштението објавено од Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Папата моли за конкретно решение за ставање крај на војните.

Светиот Отец со голема тага ја прими веста за нападите на два медицински центри во Киев, вклучувајќи ја и најголемата детска болница во Украина, како и на едно училиште во Газа. Според соопштението на Канцеларијата за печат на Светиот Престол во вторник, 9 јули 2024 година, папата Фрањо изрази длабока вознемиреност поради зголеменото насилство.

Искажувајќи ја својата близина со невините жртви и ранетите – стои во соопштението, се надева и моли наскоро да се најдат конкретни патишта кои ќе стават крај на актуелните конфликти. Папата Фрањо неуморно поттикнува на мир и преговара за решенија за војните во Украина и Газа, а исто така испрати претставник на двете територии со хуманитарна помош и пораки за близина и загриженост.

Напад на детска болница во Киев

Соопштението е објавено по руските напади во понеделникот во градовите низ Украина во кои загинаа десетици луѓе и беше погодена детска болница во Киев.

Според апостолскиот нунциј во Украина, надбискупот Висвалдас Кулбокас кој зборуваше за Радио Ватикан не долго после нападот, погоден е одделот за дијализа на педијатриската болница. Тој рече дека е шокиран од нападот на област каде што нема воени цели, туку само нунцијатура, болница, станбени згради и продавници.

Она што е најшокантно - рече тој, во овој случај не се погодени само деца, туку деца на кои им е потребна онколошка нега или трансплантација на црн дроб или друг орган. Кога проектили го таргетираат најмалиот од најмалите, најслабите од слабите - додаде тој, секој од нас се прашува зошто. Зошто некој продолжува да дава објаснувања за војната како да може некако да се оправда? Не знам како со таа совест можат да продолжат да го прават тоа - напоменува нунцијот.

Напад на училиштето „Светото семејство“ во Газа

Во меѓувреме, во неделата наутро, во напад на израелските сили врз училиштето „Светото семејство“ на Латинската патријаршија во градот Газа, наводно, се убиени четири лица и биле уништени делови од училиштето каде што се засолниле многу палестински семејства.

Нападот се случил само неколку часа откако израелските сили во саботата го нападнаа училиштето со кое управува ООН, при што загинаа - според властите во Газа - најмалку 16 лица, а се ранети 75 лица кои се засолниле таму, вклучително и двајца работници на Агенцијата за помош на палестинските бегалци на Обединетите нации (UNRWA).

Латинската патријаршија на Ерусалим, која раководи со училиштето, издаде соопштение во кое најостро го осудува таргетирањето на неборци или какви било воени дејства што не можат да гарантираат дека цивилите ќе останат надвор од бојното поле.

Два масакри

Жртвите во двете болници во главниот град на Украина се дел од проценката на еден од најкрвавите денови што земјата ги преживеа во 860 дена војна, со најмалку 37 мртви и 170 ранети меѓу Киев и другите градови. Во Газа, нападите го погодија училиштето „Свето семејство“, но и друга установа во Нусејрат, каде се сместени раселените лица, со 16 мртви и околу педесет повредени. Два масакри без оправдување, кои прават уште посилно да одекнуваат зборовите на папата Фрањо за лудилото на војната и итната потреба да се стави крај на сето тоа.

11 јули 2024, 16:45