Пребарување

2024.07.30 Pellegrinaggio del Coetus Internationalis Ministrantium

Папата: Литературата ги воспитува срцето и умот и нѐ отвора за слушање на другите

Светиот Отец пред сѐ го нагласува благотворното дејство на добрата книга која, „често во здодевноста на празниците, во жештината и осаменоста на некои напуштени населби, може да биде оаза што нè оддалечува од другите избори што не ни носат ништо добро во моменти на замор, лутина, разочарување, неуспех и кога не можеме да најдеме душевен мир дури ни во молитва, може да помогне да ги поминеме тешките моменти и да имаме малку повеќе мир“.

Во недела, 4 август 2024 година, папата Фрањо објави писмо за улогата на литературата во формацијата, кое го напиша на 17 јули. Светиот Отец со Писмото сака повторно да ја „разбуди љубовта кон читањето“ и пред се да „предложи радикална промена на ритамот“ во подготовката на кандидатите за свештенство, за да се даде поголем простор за читање литературни дела.

Бидејќи литературата може да ги „образува срцето и умот на пастирот“ за „слободно и скромно вежбање на сопствената рационалност“ и за „плодно признавање на плурализмот на човечките јазици“, таа може да ја прошири човечката чувствителност и да доведе до „големо духовно отворање “. Понатаму, задачата на верниците, особено на свештениците, е да го „допрат“ срцето на современиот човек за да го поттикнат и да го отворат за пораката на Господ Исус“, а во сето тоа „придонесот што литературата и поезијата можат да го понудат е од неспоредлива вредност“, напиша Папата.

Тој додаде дека „читањето отвора нови внатрешни простори кои ни помагаат да не се затвораме во некои опсесивни идеи, кои потоа незапирливо нè заробуваат“. Рече дека во минатото луѓето почесто посветувале време за читање, „пред сеприсутноста на медиумите, социјалните мрежи, мобилните телефони и другите уреди“, а нагласи дека во аудиовизуелен производ, иако „поцелосен“, „маргините и времето за „збогатување“ на наративот или неговото толкување обично се редуцира“, додека со читање книга „читателот е многу поактивен“. Светиот Отец нагласи дека книжевното дело е „секогаш жив плоден текст“. „Се случува, имено, читателот да се збогати со она што го добива од авторот и тоа му овозможува во него да процвета богатството на сопствената личност“, напиша Папата.

Светиот Отец во писмото наведува дека денес „за да се одговори достојно на жедта на многу луѓе за Бога, не треба да се вложува труд за да се изгасне со отуѓувачки предлози или со Исус Христос без тело“. Верниците и свештениците, навестувајќи го Евангелието, мора да се погрижат „секој да може да се сретне со Исус Христос кој стана тело, стана човек, стана историја“.

„Никогаш не смееме да го изгубиме од вид „телото“ на Исус Христос, тоа тело направено од страст, емоции, чувства, конкретни приказни, раце кои допираат и лекуваат, погледи што ослободуваат и поттикнуваат, љубезност, простување, предизвик, храброст, бестрашност: со еден збор љубов“, истакна тој и додаде дека поради оваа причина, читањето може да ги направи идните свештеници и сите пасторални работници уште почувствителни на потполната Христова човечност во која неговата божественост е потполно излеана.

07 август 2024, 21:52